Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при посетата на СВР Велес кажа дека и таму има проблем кога станува збор за вадење на нова патна исправа.
„За жал и тука не ми се допаѓа состојбата и тука премногу чекаат луѓето. Не е како во Скопје, но и овде не е сјајно. Ќе биде ставена во функција уште една просторија за да нема дополнителна гужва“, кажа министерот.
„Решението на ова патешествие е едно и е многу лесно. 61 пратеник да се договорат во Собранието да дигнат два прста, односно да стиснат едно копче, со коешто копче ќе го изменат законот за патни исправи, како што го изменија законот за безбедност во сообраќај и сите овие маки да ги решат во наредни десет месеци. Тоа е временскиот период којшто го побаравме како МВР во рамки на добро менаџирање да успееме да ги издадеме сите правни исправи“, кажа Тошковски.
Како што објасни министерот, тоа копче ќе значи дека „граѓаните ќе можат да патуваат и со важечка патна исправа со старото име, Република Македонија, согласно датумот којшто е втиснат во самиот пасош“.
„Во еден нормален процес од 10 месеци, оние 650 илјади пасоши што се останати да се заменат, ќе можат да се заменат, а е невозможно да ги замениме доколку пратениците не го направат она што го направија со законот за возачките“, рече министерот и ги замоли сите пратеници во интерес на македонските граѓани, да го решат овој пробелм.
„Менаџирањето претходно довело до тоа денеска да имаме 650 илјади луѓе коишто имаат важечки пасош, но со старото име, а тоа е невозможно да се заврши заклучно со завчера. Да престанеме да ги лажеме граѓаните, во рамки на разумни рокови ги обновиме патните исправи. Не се криви граѓаните што немаат пасош со новото име, крива е државата заради тоа што во одреден временски интервал таа била должна да ги овозможи сите услови“, додаде Тошковски.