(ВИДЕО) Новото лето Господово во Бигорски прославено со изведба на каланди


–  На споменот на Обрезанието Господово и на Свети Василиј Велики, во Бигорскиот манастир, покрај  традиционалното прекршување на василопитата, во спомен на Свети Василиј Велики и чудото што тој го направил, пред владиката Партениј игумен на Бигорската обител, беа изведени повеќе возобновени божикни и новогодишни каланди.



-Оваа година вистинска духовна наслада беше изведбата на повеќе возобновени божикни и новогодишни каланди од страна на составот „Чалгија Мерак“ и четиричлениот женски хор, составен од духовните чеда на Старецот: Исидора, Евангелија, Евангелија и Јована, коишто заедно со свирачите, со големо достоинство настапија пред него, во големата манастирска одаја за свечености, изјави за МИА, сестра Ефимија.

Пред Владиката г. Партениј, братството и сестринствата беа изведени неколку бадникарски и новогодишни песни, наречени каланди, коишто се пееле во периодот од рождеството Христово – Божик, па сè до после Обрезанието Христово и Новото лето Господово.

-Со благослов и со огромна поддршка и соработка од страна на Епископот г. Партениј, досега се возобновени или воскреснати повеќе древни божикни и новогодишни каланди. Дел од нив потекнуваат уште од византиско време, од ромејската култура и цивилизација чиј дел и наследство сме и ние, а дел се традиционални македонски словенски песни – некои запаметени по предание, а други запишани во зборниците на народни умотворби, додава сестрата.

Според неа, преку овие бадникарски и новогодишни песни верниот народ сакал, на некој начин, и надвор од храмовите да го слави Рождеството Христово и другите празници поврзани со него или што се слават во тој период.

Она што навистина воодушевува е длабокото познавање на православната теологија, којашто наоѓа значајно место во народните стихословија, покрај, се разбира, и традиционалните фолклорни елементи.

Така, на пример, вели таа, во познатата народна коледарска песна „Сива, сива Гулабице“ го среќаваме мотивот на гулабот како знак на добра вест и на спасение, според библискиот настан со потопот и спасението на праведниот Ное. Понатаму во истата песна се спомнуваат „златни чаши“:

Ми правеше златни чаши,

златни чаши и канати,

да послужит млада Бога,

млада Бога и Божиќа.

Всушност, тука народниот песнописец навлегува длабоко во светата тајна на Причесната, каде златните чаши се симболика за Путирот, од кој верните се хранат со светите Тело и Крв Христови.

-Во песната „Три цареви од Персија“, со голема теолошка точност е опишано патувањето на тројцата Мудреци од Исток и нивното принесување дарови на новородениот Христос, додека мошне длабока содржински е и каландата „Сношти Христос ни се роди“, каде имаме повеќе алузии на Светото Евангелие. Така, песната започнува со зборовите: Сношти Христос ни се роди и светот не Го сети,ни светот, ни вселената, ниту, пак, злиот цар Ирод, кажа сестра Ефимија.

Во византиската каланда „Христос се роди денес“, меѓу другото, пејачите се јавуваат и како проповедници, велејќи им на слушателите:

И добра ноќ, одморете, па во црква брзо појдете,

на светата Литургија, со многу побожност и радост.

И дома штом се вратите, на трпеза да каснете,

дајте и на сиромаси, за никој да не снема.

Тука се истакнува литургискиот момент, односно бдението за Божик, осносно Бадник, како и социјалниот момент за грижа за сиромасите.

Во некои народни каланди се среќаваат и доста фолклорни елементи од просторот каде што настанале. Така, на пример, во новогодишната песна „Сурова година, весела година“, карактеристична за дебарскиот крај, кој бил главно сточарски и иселенички, го наоѓаме овој интересен фолклорен момент: Колку трошки сирење, толку јагниња, јариња – како показател за сточарското стопанство во крајот и:Колку писма, преписма, толку синчиња, ќерчиња – бидејќи роднините од странство комуницирале со своите домашни преку писма.

Голем култ му се оддавал и на Свети Василиј Велики, како на еден од најголемите учители на Црквата, добротвори, помошници на народот и чудотворци. Неговото име се поврзува со правењето добри дела и давањето милостина на сиромашните во името на Бога.

Чук, чук! Кој иде?

Свети Василије.

Од кај иде? Од Кесарија.

Што носи? Здравје и бериќет од Господа.

На крај, во сите песни се одбележува радоста од Рождеството Христово и благословите за добра благосостојба во Новата година.

Христос се раѓат – на светот радост,

на светот радост, на сите луѓе.

Колку ѕвезди на небо,

толку милост од Бога,

колку врапци на гранки,

толку в куќи радости.

Црвено јаболко в градина,

живо и здраво до година,

до година – до амина!

Среќна и бериќетна Нова Година!

За многу години!

Сестра Ефимија посочува дека за подготовката на текстовите и на хорот и за аранжирањете на музиката за годинешниве каланди најзаслужни се јероѓакон Анатолиј и монахиња Касијана.