(ВИДЕО) Николоски: Затоа што Пендаровски им сврте грб на Македонците, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му свртеа грб нему и ја напуштија седницата на Собрание



ript>

Почитувани,


 

Дозволете денес да се обратам на две теми,

Првата е во однос на денешното обраќање на Претседателот на државата.

Денес ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го напушти обраќањето на Претседателот на државата поради неколку причини:

Првата причина е, Стево Пендаровски докажа дека не е претседател на сите граѓани на Република Македонија, туку извршител на една политичка структура и извршител на Зоран Заев. Со тоа Стево Пендаровски сврте грб на македонските граѓани и затоа денес пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија салата во која што беше обраќањето.

Второ, Стево Пендаровски е прв што кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции, ја отвори пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македонски национален идентитет, самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја.

Стево Пендаровски е претседател на државата кој не кажа ниту збор за изјавите на Заев дека бугарската држава во втората светска војна била ослободител, дека тука имало администрација, дека бугарскиот и македонскиот јазик се едно исто. Збор не кажа за да се спротивстави на овие работи.

Стево Пендаровски е претседател кој што не се консултира нити со политичките партии, нити со еден поширок општествен круг за стратешки работи кои што и се предлагаат на Македонија од типот на членство во една од најважните европски институции како што е Европската економска асоцијација.

Стево Пендаровски без постоење на елементарен доказ за обезбедено мнозинство му го додели мандатот на Зоран Заев со што го стави во привилегирана позиција за составување на Влада во услови кога самиот Зоран Заев кажа дека нема обезбедено 61 потпис.

Конечно, Стево Пендаровски е претседател на држава кој што е нелегитимно избран затоа што се појави сведоштво на лидер на верска заедница кој што кажа дека гласовите за Стево Пендаровски биле купени, а за возврат му биле ветени пари и земјиште на скопско Кале и затоа нема легитимитет да се претставува како Претседател на Република Македонија.

Поради сето ова, ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува замрзнатите односи со Стево Пендаровски. Поради тоа што Пендаровски врти грб на народот, денес пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата му свртеа грб нему.

Стево Пендаровски наместо да обединува, поларизира. Имаше историска шанса да биде првиот претседател на Македонија кој што не е оспоруван, за жал ја прокоцка заради теснопартиски интереси и теснопартиски наредби, како и заради стилот и карактерот на однесување.

Втората тема на која ќе се осврнам се трите клучни работи кои што говорат за катастрофата во нашата надворешна позиција, а кои што ги споменав пред два дена и за кои што до ден денес сеуште немаме одговор.

Првата работа која што ја споменав, јавно објавив дека Никола Димитров јавно се фалел дека тој бил пречката поради која Заев не потпишал договор со Бугарија кој што ќе значи прифаќање на сите бугарски позиции на штета на Македонија. Притоа, за мене и едниот и другиот се исти, но очигледно Димитров во битка за личен рејтинг сакал себе си да се прикаже како заштитник на македонските национални интереси, а Зоран Заев да го прикаже како предавник.

Поминаа два дена, немаме директен демант ниту од Заев ниту од Димитров. Нема да навлегувам во нивните лични односи, но самото ова покажува дека имаме еден огромен скандал односно дека Зоран Заев бил подготвен да потпише поништување на самобитноста на македонскиот народ, да потпише бришење на македонската историја, самобитноста на македонскиот јазик и дека единствената причина поради која што тоа не го направи е притисокот од јавноста и народот кој што излезе на улиците во македонските градови и села и му се спротивстави на оваа работа.

Втората работа  која што ја отворив, а немаме никаква реакција до денес,  е тоа дека Зоран Заев незадоволен од работата на оваа историска комисија затоа што не му потпишува се што ќе посака и се што ветил во однос на Бугарија, активно работи на дискредитирање на нивните членови со цел промена на историската комисија која што е во надлежност на Министерството за надворешни работи и формирање на нова историска комисија која што ќе потпише под политички диктат се она што Зоран Заев ќе побара. До денес, немаме никаков демант на ова и јавно предупредувам дека следи подготовка за следна национална катастрофа.

Третата работа, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски јавно посведочи дека премиерот Бојко Борисов му кажал дека Заев има ветувано работи со цел да ја добие неговата поддршка. Јас јавно прашав дали тие концесии се купувањето на една телевизија, купување на една банка, државни акции во еден телекомуникациски оператор, како и оптички кабел во една голема државна компанија преку која што може да се врши проток на интернет, проток на телефонски сигнал, но исто така и други субверзивни активности и конечно еден рудник, а тоа гледаме дека е рудникот Иловица кој што магично откако се смени сопственикот и од доминантитен сопственик од канадска компанија, станаа бугарски олигарси, наеднаш еве почнува да добива дозвола за работа. Најавувам дека во следниот период ќе објавиме конкретни работи и документи за оваа работа.

Овие работи покажуваат дека Зоран Заев е подготвен за нова национална катастрофа и уривање на сите позиции кои што македонската држава и македонскиот народ макотрпно ги градел во децениите наназад.

Очекуваме одговори на сите овие прашања кои што до денес ги немаме. Ова покажува дека се подготвени да тргуваат со се’ и е причина плус, мотив плус, ден поскоро, час поскоро да заминат и да поднесат оставка .