На денешната тензична седница во Собрание, пратеникот од редовите на ДУИ, Арбен Зибери, се обиде да го нападне пратеникот Борислав Крмов од Левица, но меѓу нив се испречи претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Од партијата Левица порачуваат дека не му се плашат на ДУИ.
„Им порачуваме на амнестираните насилници од ДУИ дека времето на плашење на македонскиот народ заврши и дека нивните послушници ДПМНЕ и СДС се делегитимирани одамна во очите на македонскиот народ. Нови времиња доаѓаат и нова историја ќе се пишува во македонското Собрание“, велат од Левица.
На сето ова претходеше инцидент во Собранието, кога Крмов почна да бара да се прекине седницата. Скрши компјутер, откорна микрофони и заедно со Димитар Апасиев фрлаа со амандмани кон потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски кој ја водеше седницата. Причината беше тоа што не беа прифатени нивните амандмани за измена на Деловникот за работа.