(Видео) Арсовски: Заев да каже што ѝ предложил на Бугарија и дали повторно ќе им забие нож во грб на граѓаните




 

Зоран Заев е човекот кој ја обезличи Република Македонија и го обесчести македонскиот народ, единствено за свои лични интереси, рече на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Наместо да молчи и да се однесува како кукавица каде што ќе се обиде повторно да им забие нож во грб на граѓаните и да ги обезличи уште повеќе, нека се одважи и нека говори јавно за целиот проблем, начинот и текот на преговарање со источниот сосед“, повика партискиот портпарол.

Како што рече Арсовски, од коалиционен партнер на СДСМ, јавноста дознала дека Владата на Зоран Заев дала понуда до бугарската страна за одблокирање на интеграциите.

„Сакаме да прашаме, а Заев мора веднаш да одговори, што содржи таа понуда која што ја дала Владата на Заев до бугарската страна? Од што се откажува Зоран Заев и каква штета трпат граѓаните и државата заради неговата понуда за нов договор и одблокирање на интеграциите? Што се има понудено Зоран Заев во таа нова понуда?“, запраша претставникот на опозициската партија и додаде дека постојат информации оти Заев има ветувано и други концесии кон бугарската страна.

„Во прашање се сериозни бизнис ветувања од Зоран Заев кон бугарската страна, поголем пакет кој вклучува сериозен приватен и државен капитал кој требало да биде продаден на бугарски фирми и бугарски бизнисмени. Тука би набројале, една поголема банка, државниот удел на Република Македонија во Телеком, што ќе значи и целосно приватизирање, железнички транспорт, ТЕЦ Неготино, земјоделско земјиште кое што наводно и веќе било капарисано од одредени луѓе кое што треба да стане градежно и уште многу други работи“, нагласи Арсовски и порача дека во мементов потребна е влада на национален спас и тоа уште веднаш.