„Учебници и настава мора да има“ во сабота на марш во Скопје и мирни протести низ другите градови


– Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ во сабота ќе одржи марш во Скопје и мирни протести низ другите градови, најавија денеска на прес-конференција која се одржа пред Министерството за образование и наука.


 

Преку тоа тие ќе ја покренат иницијативата за стопирање на донесувањето на Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали кој е дел од реформите на националниот образовен систем,  што ги најави министерката за образование, Мила Царовска.

– Почнуваме со мирни протести во градовите низ Македонија и мирен марш во Скопје во сабота, 15 мај со почеток од 12 часот, изјави Драгана Спасевска од „Учебници и настава мора да има“. Маршот ќе почне пред Министерството за образование, рутата дополнително ќе биде одредена.

„Учебници и настава мора да има“ ќе продлжи со поднесување на граѓанска иницијатива за задолжителен референдум против овој закон.

– Доставивме мислења и барања базирани на истражувања и искуства. Се потрудивме да предложиме решенија и компромис во измените на законот со една цел, да има „реформи по мерка на ученикот“, велат од иницијативата.

Информираа и дека бојкотот на наставата ќе биде прекинат, бидејќи како што појаснија, остануваат уште малку училишни денови и треба да им се даде можност на децата да ги поправат оценките и да немаат дополнителен стрес.