Триесет години Армијата гарант за безбедноста и економскиот развој на државата


Без разлика дали Армијата е голема или мала, важно е дека таа е гарант за сигурноста на граѓаните, за економскиот развој на државата и безбедноста на институциите и тие да знаат дека постои Армија што е нивен заштитник, е пораката што денеска беше испратена од централната свеченост по повод 30 години од создавањето на македонската Армија.

 

 

Формирана во исклучително сложен, геополитички и безбедносен амбиент во екот на крвавиот распад на Југославија и на крајот на Студената војна, како што нагласи претседателот и врховниот командант на вооружените сили Стево Пендаровски, Армијата ги споделуваше сите предизвици на младата македонска држава.

– Започнавме скромно, со оскудни воени резерви, но, со обучени и посветени патриоти, старешини и војници кои ги полнеа македонските касарни од првиот ден, истакна претседателот Пендаровски, поздравувајќи го првиот регрут во македонската Армија Панче Јамандиев од Велес.

Потсетувајќи дека Армијата била ангажирана во справувањето со клучните предизвици на државата како Косовската криза во 1999-та, воениот конфликт во 2001-та и мигрантската криза во 2015-та година, Пендаровски посочи дека Армијата прерасна во кохезивна сила на македонското општество. Порача дека важен дел од трансформацијата на Армијатаи понатаму треба да биде сè поголемата вклученост на припадниците на немнозинските етнички заедници и на жените во сите армиски структури, вклучително и во специјалните единици.

Осврувајќи се на актуелниот руско-украински конфликт, Пендаровски рече дека уште од првиот ден како држава ја осудивме агресијата и се солидаризиравме со украинскиот народ.

– Таа солидарност не е само вербална, туку конкретна, за што сведочи и помошта, вклучително и воена, што како НАТО-членка и во нашите можности ја дадовме на Украина, нагласи шефот на државата, додавајќи дека во новиот геополитички контекст ја поддржавме и одлуката за проширување на Алијансата и меѓу првите ги ратификувавме договорите за прием на Шведска и Финска во НАТО.

Според Пендаровски, треба да се продолжи со вложувањата во одбраната и како што рече не подоцна од 2024 година да го постигнеме стандардот на изводјување на најмлаку 2 проценти од БДП.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска порача дека треба да се сочува и надоградува се она што е постигнато во изминатите три децении.

-На сите нас ни стои обврската, се што е постигнато во изминатите три децении да биде чувано и надополнувано со поголеми резултати, кои во иднина ќе сведочат за успесите на припадниците на Армијата со кои ќе се гордеат и следните генерации. Република Северна Македонија денес има современ безбедносен систем оспособен да одговори на сложени безбедносни ризици. Систем кој постојано се модернизира и приспособува, рече Петровска, нагласувајќи дека македонската Армија покажа дека е достоинствен партнер во меѓународните мисии.

Денес, како што додаде, македонската Армија ги вградува стандардите на НАТО и се гради според национални потреби и колективниот систем за одбрана.

– Република Северна Македонија денес има современ безбедносен систем оспособен да одговори на сложени безбедносни ризици. Систем кој постојано се модернизира и приспособува.
Нашата Армијата докажа и покажа дека е достоинствен партнер во меѓународните мисии за што Република Северна Македонија стана земја за почит, го подобри нашиот углед кај земјите членки и на НАТО и на ЕУ, нагласи Петровска.

Модернизацијата, развојот на човечките и материјални капацитети, одржливоста, доброто управување и прецизната регулација, според министерката за одбрана остануваат императивна цел за заштита на безбедноста и стабилност.

-Министерството за одбрана останува посветено во спроведувањето на сите мерки и активности кои се предвидени во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, но и Стратешкиот концепт на НАТО како и Концептот МКД Одбрана 2030. Наша обврска е да останеме постојан и кредибилен партнер на НАТО, но пред се и над се со целосна отеченост пред граѓаните со цел да ја оправдаме највисоката доверба која ја имаме од нив како Армија бидејќи во неа нема место за партизација и тесни интереси на поединци, групи и било која политичка партија, порача министерката за одбрана.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се потсети на почетоците од формирањето на Армијата, опишувајќи ги како тешки, со скромни материјални ресурси, вооружување и опрема.

– Тоа беа тешки почетоци кои ги надминавме со пожртвуваноста на армиските припадници и првите регрути преку кои се воспостави еден од носечките столбови на државната самостојност и независност Многу генерации на вработени во Министерството за одбрана и Армијата, војници, старешини и цивилни лица, но и општествени работници активно се вложија во три деценискиот развој на Армијата, истакна Ѓурчиновски во своето обраќање.

Додаде дека со нивните достигнувања и ефикасност, Армијата ги остварила стремежите и заветите на нашите великани на Илинден и АСНОМ.

-Овој ден го посветуваме на идеалите и пожртвуваноста на сите наши херои и великани за вековната борба за слобода и мир. Наша обврска е да продолжиме по зацртаниот пат на нашите дејци, Јане Сандански, Питу Гули, Гоце Делчев, Вангел Дину, Страшо Пинџур, Чеде Филиповски Даме, Лиман Каба, Кузман Јосифовски Питу, Ибе Паликуќа, Михајло Апостолски и многу други наши великани, порача началникот на Генералштабот.

На свеченоста, Ѓурчиновски потсети на визионерскиот говор на првиот претседател и врховен командант Киро Глигоров.

„Каква Македонија ќе изградиме таква ќе ја имаме, а вие припадниците на Армијата имате историска улога во создавањето во тоа време на Република Македонија“.