Идејата и заложбата на државата во 90-те години на минатиот век за пренесување на дел од државниот суверенитет на нотарите и организирање на правниот систем и растоварување на судовите, се покажа како оправдана судска активност, со што се доби современа служба за задоволување на потребите на граѓаните и стопанството за брза и сигурна реализација на правните интереси, изјави заменик министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ во обраќањето на свеченоста по повод 25 години од постоењето на нотаријатот во државата.
– Нотаројатот во целост ги исполни очекувањата и позитивно влијание врз унапредувањето на правниот промет. Ефектите од функционирањето на нотаријатот изминативе 25 години постојано се следат од страна на Министерството за правда. На тој начин имаме можност за процесите и преоценувањето на вредностите но и слабостите во концептите на нотарската служба, рече Аврамовска – Мадиќ.
Таа посочи дека Нотарската комора е клучна институција во развој на професионалната нотарска служба која ќе се грижи и ќе го следи континуирано интегритетот, професионалноста и квалитетот на секој нотар.
Аврамовска-Мадиќ нагласи дека нотаријатот останува висок приоритет на државата и е вклучен во самата стратегија од 2023 до 2027 година кој во моментов е во завршна фаза и за брзо ќе биде усвоена од страна на Владата.
Според неа, Нотарската комора со своите анализи и предлози активно учествува во работните групи кои ја подготвуваат ова Стратегија и Министерството за правда очекува од неа натамошна поддршка во процесот на реализација на сите стратешки цели во периодот кој претстои, односно во приближувањето кон Европската унија.
– Неспорно е дека ни претстои тешка и макотрпна задача, а тоа приближувањето на целиот правосуден сектор кон европските стандарди кои не се содржани само во нормативите и регулативите на ЕУ, туку и во судската пракса на судовите во Луксембург и Стразбур. Целта на Министерството за правда е секако во овие клучни моменти во државата да имаме еден единствен став дека ни се потребни современи, функционални, ефикасни институции и чинители во правниот сектор кои ќе овозможат брза и економична реализација на правата на граѓаните, стопанството и институциите со што ќе се зголеми правната сигурност и владеење на правото во државата, рече Аврамовска-Мадиќ.
Таа посочи дека во реализација на реформите државата очекува поддршка од Нотарската комора во делот на јакнење на стручни професионални односи на нотарите, како и обезбедување на квалитетна и ефикасна служба која ќе биде модерен сервис на граѓаните.
Претседателот на Нотарската комора, Методија Ристоски истакна дека пред 25 години, земјава направи значаен чекор во препознавањето на потребата од нова алка во нашиот правен систем, односно за воспоставување на нотарската професија.
– Гледано од денешен аспект, со поставување на темелите на нотаријатот, направена е најдобрата реформа, реформа која ги поддржува и одржува принципите на правдата и го штити интегритетот на правниот поредок. Доказ, дека нотаријатот ја оправда реформата на државата е тоа што во периодот на постоење, во континуитет ни се доверуваат нови надлежности, а се тоа во интерес на граѓаните, рече Ристоски.
Тој посочи дека нотарите имаат клучна улога во обезбедување доверба на јавноста и се чувари на правните трансакции, бидејќи им е доверено да ја осигураат нивната важност, автентичност и усогласеност со законот.
– Нашата улога се протега многу подалеку од мастилото на страницата, ние сме столбовите на правната сигурност, олеснувачи на правдата и заштитници на индивидуалните права. Во изминатите 25 години, одигравме клучна улога во обликувањето на нашиот правен систем. Професионално работевме на одржување на владеењето на правото, рече Ристоски.
Тој потенцира дека во дигиталниот свет нотаријатот се движи со времето, на начин што ги прифати новите технологии, ги прошири областите на знаења и постојано ги усовршува своите вештини за да остане во првите редови на технолошки развиените професии.
– Се чини дека е зрело време да се работи на електронска нотарска архива и електронските нотарски исправи, кои ќе значат чекор напред за усовршување и олеснување на нотарското работење… Додека го славиме овој јубилеј да гледаме на иднината со оптимизам, храброст, нови достигнувања, односно исчекор напред кон новините на семејството во кое припаѓаме, семејството викано латински нотаријат, истакна Ристоски.
Како што беше нагласено на свеченоста нотаријатот е симбол на доверба, интегритет и правда и неговото воведување како модерен јавен сервис на граѓаните и институциите успешно одговори на потребата за побрза, подостапна, поефикасна, побезбедна заштита на правдата и правата на интересите, олеснување на правниот проблем, зголемување на правната сигурност, растоварување на правосудството и обезбедување на превентивна правна заштита.
На свеченоста им беа доделани награди за нотарските комори на Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Република Српска, Црна Гора, Косово и Србија и на првиот нотар во земјава кој работи 25 години.