Заменик министерот за одбрана Тирон Јајага денеска присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод заклетва на 27 класа питомци и слушатели на курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за потребите на Армијата во Касарната „Гоце Делчев“ – Скопје.
Јајага истакна дека и питомците и слушателите на курсот кои дадоа свечена заклетва, започнуваат да чекорат по нова патека која е препознатлива по својата стручност, стандарди, дисциплина, но и дека со нивниот интерес да се приклучат во редовите на Армијата покажуваат дека неизмерно ја сакаат својата татковина.
Тој додаде дека токму на Воената академија, на која се школуваат и питомци од Босна и Херцеговина од Косово и од Црна Гора, ќе се формираат во вистински лидери.
„Во периодот што следува ќе научите многу за воената професија и вашите видици ќе ги проширите во поглед на заштитата и безбедноста. Вие, ќе се соочите со разни предизвици при вашето образование кои ќе ве оформат во вистински лидери. Лидери кои знаат како да се грижат за безбедноста и мирот на своите граѓани и држава, но и пошироко“, потенцира Јајага.
Деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски упати честитки до секој поединец за храброста и одлучноста да се избере патот на воената професија, уникатна можност која не е лесно достапна за другите.
На денешната свеченост присуствуваше и директорот на Генералштабот на Армијата, генерал Симеон Трајковски, претставници од воено дипломатскиот кор, гости од Босна и Херцеговина и Црна Гора и роднини и пријатели на питомците и слушателите.
Оваа година на воената академија Генерал „Михаило Апостолски“ како дел од 27 класа се запишани 41 питомец од кои 34 од Северна Македонија (21 мажи и 13 жени), 4 питомци од Босна и Херцеговина и 3 питомци од Црна Гора, а на курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за потребите на Армијата на Република Северна Македонија ќе бидат 30 слушатели од кои 19 мажи и 11 жени.