Свечен академски час за магистерските и докторските студии на Факултетот за безбедност на УКЛО


Пред магистрантите и докторантите на Факултетот за безбедност-Скопје денеска се обрати проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ проф. д-р Марјан Ѓуровски со што се означи почетокот на новата академска година на студиите по втор и трет циклус.



Поздравувачки ги студнетите во име на Ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ проф. д-р Сашо Коруновски, од страна на Ѓуровски беше изнесена информацијата дека Универзитетот „Св.Климент Охридски“ подготвил посебна стратегија за реализација на наставата во услови на пандемија, преку хибриден модел на пристап и во најголемиот дел онлајн работење на прв, втор и трет циклус на студии, со уверување дека Универзитетот ќе одговори успешно во совладувањето на наставните содржини и практики и при тоа ќе го заштити здравјето на студентите, професорите и административниот кадар.

„Конечно поради пандемијата, уверен сум дека многумина ќе размислат за значењето на високото образование и насушната потребата од некои професии во државата- доктор, информатичар, но и припадник на полицијата, армијата, разузнавачката заедница и др. Меѓу другото, пандемијата покажа дека по медицинските и информатичките науки, науката за безбедност и управување со кризи се иднината на светот, а вие сте направиле вистински чекор, затоа што технологијата го движи светот, но безбедноста го чува светот и државата од нови ризици и закани, а со тоа и човековото живеење и секојдневно битисување“, нагласи проректорот Ѓуровски.

„Преку школувањето вложувајте во себе, зошто и требате на татковина, на вашите роднини, другари и пријатели! Да си помогнеме самите на себе!“, додаде тој.

Според него, високото образование треба да биде меѓу првите три високи приоритети во јавните политики, кај ресорното Министерство за образование и наука, и потоа заеднички да се работи на имплементација на целите и задачите преку поголема финансиска инјекција од државата за студентскиот стандард, за следење на настава и сместување, факултетите, професорскиот кадар, негово подмладување како и научните и стручни истражувања во кои треба во подоцнежните студиски години да има место заедно да работиме.