Студентите учесници во „Еразмус+“ разменија искуства за мобилноста во странство


Студентите учесници во „Еразмус+“ разменија искуства за мобилноста во странство - МИА

Скопје, 5 мај 2020 () – „Еразмус“ е искуство што треба да му се препорача на секој млад човек насекаде во светот. Покрај личниот и  професионален развој и можноста за независност, оваа европска образовна програма овозможува да се запознаат и нови култури, врсници од сите континенти, како и начини на студирање и полагање на испитите различни од нашиот образовен систем.



Петнаесет студенти на државни и приватни универезитети во земјава, кои биле или сега се корисници на програмата за размена и мобилност „Еразмус плус“,  денеска онлајн ги разменија своите искуства од земјите каде што биле на студии. Поради пандемијата, некои го прекинале престојот, се вратиле дома и дополнително ќе ја завршат мобилноста, а други останале на странските универзитети и таму ја следат наставата онлајн.

Студентската дебата насловена „Искуствата од Еразмус плус размените“ преку зум-комуникација на својата ФБ-страница ја организираше Европското движење во РСМ, во пресрет и по повод одбележувањето на Денот на Европа – 9 Мај.

Своите искуства од Сплит, Рим, Крит, Марбург, Букурешт, Валенсија, Анкара, Ахен… ги пренесоа студенти од УКИМ, Битолски универзитет, Американ колеџ, Меѓународниот славјански универзитет и Државниот универзитет во Тетово.

Михаил Трпчевски, кој лани дипломирал на Американ колеџ и е актуелен претседател на студентската организација АИЕСЕК, рече дека кога пред две години бил во Букурешт преку „Еразмус плус“ излегол од комфорната зона на неговата средина зашто морало да се адаптира.

-Но,  тоа беше незаборавно искуство и можност за развој, имавме предавачи од САД,  а најголема придобивка беше диверзитетот зашто имаше студенти од 30 нации, рече Трпчевски.

Гадаф Мемеди, студент по германски јазик на Тетовски универзитет, се вклучи од Марбург во Германија, каде што отишол за два семестра и сега е заглавен поради коронакризата, но сепак, рече, тоа е можност да запознае нова култура и студенти од други земји.

-Сега сме малку изолирани, но добро е. Германија е меѓу државите кои најдобро се подготвија за кризата. Иако сум овде единствен од ДУТ, повторно би дошол кога би имал шанса, рече Мемеди, кој во малиот универзитетски град со 80 илјади жители престојува од октомври лани и ќе остане до јули.