Во 362 основни училишта во државава има 308 психолози и 304 педагози, а во 108 средни училишта се вработени 102 психолози и 100 педагози. Во сите училишта има вработено барем едно лице стручен соработник (педагог, психолог, социолог, специјален едукатор и рехабилитатор…), а често има повеќе, велат за МИА од Министерството за образование и наука.
– Општините и Градот Скопје секоја година по завршување на уписите согласно анализите и реалните потреби на ниво на општина / Град Скопје и согласно насоките од Министерството за образование и наука, доставуваат барања за вработување наставници и стручни соработници за новата учебна година. По направената анализа за потребите од вработување по основ на ново финансирање, МОН ги доставува барањата до Министерство за финансии, појаснија од МОН.
Посочуваат и дека општините / Град Скопје имаат право да ангажираат и лица по однос на вработување со договор на дело кои можат да бидат ангажирани како стручни соработници и за кои е одговорна самата општина/Градот Скопје како основачи на училиштата.
Прашањето за екипираноста на стручен кадар и колку е запоставена воспитната компонента во образованието повторно се актуализираше минатиот месец по трагедијата во училиштето во Белград и најчесто се поставува кога и јавноста ќе дознае за случаи на меѓуврсничко насилство. По масовното убиство од тинејџерот во Србија, минатиот месец беа во низа организирани дебати со цел да се слушнат нови идеи, мерки и активности кои ќе го надополнат постојниот институционален механизам за одржување на безбедноста во училиштата и за градење мирна средина.
МОН апелираше стручните тимови во училиштата помалку да бидат окупирани со административна работа, а повеќе да се посветат на работата за која постојат – грижата за менталното здравје на учениците и помош и доверлив разговор со секој ученик кога се справува со некаков проблем.
– Битно е вашата работа да е во склад со професијата и да ви се овозможи непречена секојдневна работа за градење клима за напредување во училиштата. Во овие услови стана видливо дека треба да дојде до нова структура на вашата работа и ослободување од административни обврски во училиштето, порача министерот Јетон Шаќири, нагласувајќи ја нивната улога како мост и до наставниците и до родителите.
Покрај со доволно кадар од стручни соработници, училиштата треба да располагаат и со просторни услови за нивна непречена работа за во секој момент стручниот соработник да може да има тет-а-тет средба со ученик.
Тоа е дефинирано во една од десетте препораки – заклучоци што ги усвои Владата за подигнување на безбедноста во училишните објекти и превенирање на меѓуврсничкото насилство. Тие беа утврдени во широка консултативна дискусија со стручни лица, педагози и психолози практичари и со вклученост на средношколци и родители. Препораките во основа ги промовираат вистинските вредности меѓу учениците, тие да бидат добри луѓе што понатаму ќе градат мирно и хармонично општество.
Според заклучоците, кои стапија во сила веднаш, а видлива примена се очекува да имаат од идната учебна година, основните и средни училишта се обврзуваат да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони од учениците и наставниците за време на часовите и во просториите на училиштата.
Користењето на мобилните телефони во училниците треба да се ограничи со цел да се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење итн. Исто така, на сите основни и средни училишта им е укажано да одржуваат состаноци со сите родители/старатели на тема подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во училишните објекти и околината.
Во препораката е наведено дека на состаноците треба да се отвори темата дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците.
-Родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците и да се размисли за надополнување на постојните кодекси со правила за облекување на наставниот кадар и стручните служби, стои во препораката.
Сите локални самоуправи во соработка со меѓуопштинските центри за социјална работа ќе треба да формираат стручни тимови на ниво на општина во чиј фокус на работа ќе бидат разговори поединечно со секое дете/ученик во секое училиште.
МОН нагласува и дека треба да се вклучат сите засегнати страни со укажување дека е важен придонесот на секој од нас во остварувањето на целта.
-Неопходно е да се даде предност на вербалниот дијалог помеѓу учениците и на мирното решавање конфликти. Да ја зголемиме свесноста за последиците од евентуално девијантно однесување, кои видовме дека можат да бидат катастрофални… Да зборуваме отворено со младите, да го слушаме нивниот глас, нивните идеи и пријатни и непријатни искуства. Да работиме на унапредување на воспитната компонента на образовниот процес и да им помогнеме на наставниците и стручниот кадар во училиштата во заложбите за надградба на нивните капацитети за препознавање и спречување на насилство, истакнува МОН.
Учениците и граѓаните треба да пријават во Државниот просветен иснпекторат (ДПИ) доколку училиштата бараат од нив да платат за свидетелствата за завршена учебна година, рече министерот Арбер
Министерството работи и на проширување на програмите за обуки на наставниците во делот на професионалните компетенции за мировно образование така што во завршна фаза е изработката на модулите за мировно образование што ќе се реализираат од учебната 2023/2024 година.
Мировното образование е составен дел на воспитно-образовниот систем преку реализацијата на Програмата „Peace Education” во која МОН веќе 13 години соработува со Детската амбасада „Меѓаши“.
Во обуките за ненасилна комуникација, тимска работа и превенирање насилство и конфликти досега се вклучени 200 наставници од 14 училишта во државата од осум градови.
За да се пријавуваат случаи на насилство и девијантни појави во училиштата, МОН пред еден месец ги отвори електронските адреси [email protected] и [email protected] кои ќе бидат активни и во наредната учебна година.
Хатка Смаиловиќ