Сто години средно економско училиште во Битола

ekonomski-ucilishte-bitola
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во учебната 1922-1923 година, во Битола почна со работа средната трговска школа, едно од најпосакуваните училишта во конзулскиот град, место каде се едуцираа идните трговци, банкари, сарафи и други важни професии за заедницата.


Од архивита на училиштето лесно се воочува дека првите генерации учеле во двегодишна Трговска школа, а од учебната 1925/26 година школата прераснува во Трговска академија со четиригодишно образование во која можеле да се запишат само ученици од Битола, Охрид, Прилеп и Штип. За упис на учениците поради големиот интерес, тогашните власти го ограничиле максимумот за упис на само 30 ученици, кои биле со одличен успех во основното образование. Со ваквата одлука се одржувал квалитет на високо ниво и се обезбедувал кадар, кој веднаш се вработувал во трговијата, банки, осигурителни друштва и поштите, но и во други фирми кои предвреме гарантирале вработување за учениците кои учеле во Трговската академија.

– Најголемото богатство за еден град се едуцираните кадри кои пренесувајќи го своето знаење и потенцијал, придонесуваат за развој и напредок. Битола, веќе докажано може да се гордее со голем број интелектуалци кои се школувале во ова училишта, а потврда за тоа се многу генерации средношколци, кои во изминатиот еден век биле во училишните клупи на училиштето. Квалитетот на образованието што го нудела некогашната Трговска школа, а по ослободувањето, денешно средно економско училиште „Јане Сандански“, е препознатлив и претставен од многу наши сограѓани, и затоа треба да се гордееме на младите луѓе кои од ова училиште подоцна станале вредни во својот бизнис, со стекнати претприемачки вештини и знаења, вели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Според зачуваната архива на училиштето, за време на Втората светска војна и особено во периодот на окупацијата на Битола, зградата на Трговската академија била претворена во воена болница која подоцна со бомбардирање на градот уништена, но за среќа зачувани се главните книги кои датираат од 1941/42 година. Веднаш по ослободувањето на градот, во 1945 година, економското училиште го зголемува бројот на запишани основци, затоа што државата имала голема потреба од едуциран кадар. На 9 јануари 1945 година училиштето го добива името „Јане Сандански“ и така е до ден денес.

-Годинава пред зградата на училиштето повторно поставивме биста на нашиот патрон Јане Сандански и положивме цвеќе со што продолживме со долгогодишната традиција. Досега во училиштето учеле многу генерации кои се стекнале со знаења и вештини, а и денес се образуваат ученици кои со своите квалитети придонесуваат за развој на новото време, за дигитализацијата и технологијата, ни рече, Алекдандар Цветковски, директор на СЕУ „Јане Сандански“-Битола.

За некогашната Трговска Академија, денешното средно економско училиште, во битолскиот Архив зачувана е богата фото архива и документација. Повозрасни битолчани се сеќаваат на времето кога во 1974 година со помош на општествената заедница се обезбедени финансиски средства и е извршена адаптација на зградата на некогашната воена амбуланта, со што биле создадени подобри услови за учење, а помладите битолчани и посебно генерациите ученици по 2011 година, не го забораваат денот кога за прв пат беше изградена и отворена спортска сала која се наоѓа во дворот на училиштето.

Еден век подоцна, денес во средното општинско училиште „Јане Сандански“-Битола учениците се профилираат во три насоки, односно економски техничар, техничар за е-трговија и дигитален маркетинг. Наесен доаѓа новата генерација која според конкурсот ќе брои нови 170 ученици во пет паралелки, а за што кај битолските основци веќе постои интерес за упис.

Марјан Танушевски

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK