Стипендии за кратки студиски престои во Велика Британија за 2023 година


Британскиот фонд за стипендии – British Scholarship Trust доделува до шест стипендии за кратки студиски престои (од еден до три месеци) за млади истражувачи од земјава на соодветни високообразовни и научнo-истражувачки институции во Велика Британија за 2023 година.

 

 

Стипендијата изнесува 1.000 фунти месечно за универзитети надвор од Лондон и 1.200 фунти месечно за институции во Лондон, за покривање на трошоците за сместување и исхрана. Патните трошоци се на товар на кандидатите.

Како што објави Министерството за образование и наука, услови за конкурирање се: завршени  универзитетски студии од прв циклус со просечен успех над 8,00; одлично познавање англиски јазик; кандидатите да не се постари од 30 години во академската година на студискиот престој и  да имаат обезбедена согласност од соодветна институција од Велика Британија за реализација на студискиот престој.

Во објавата на МОН се наведени и потребните документи за конкурирање. Пополнетата апликација и другите потребни документи треба да се поднесат во Министерството за образование и наука, на англиски јазик,  на адреса: ул. „Св. Кирил и Методиј“, бр.54, 1000 Скопје, Одделение  за меѓународна соработка во образованието и науката.

Крајниот рок за поднесување на документите е 1 март 2023 година.

Подетални информации се достапни на веб-страницата www.britishscholarshiptrust.org и може да се добијат на електронската адреса: aleksandar.tutnovski@mon.gov.mk