СТАВ – Македонскиот јазик е фактор за интеграција во Македонија


Пишува Тодор ПЕТРОВ



Бидејќи повторувањето е мајка на знаењето… Македонија е матична држава на Македонскиот народ, во која живеат делови на други народи со свои матични држави. Деловите на другите народи кои живеат во државата Македонија, се национални малцинства. Дел на друг народ кој живее во државата Македонија, нема статус на народ и во Македонија, покрај неговата матична држава!

Во државата Македонија сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, партиската припадност, социјалната состојба и општествената положба. Така пишува во Уставот и законите.

Има едно старо правило: Правата и слободите не можат да се квантифицираат, нив или ги има, или ги нема. И, од права и слободи никогаш доста!

Меѓутоа, за да бидеме еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните, мораме да се придржуваме на основниот принцип на меѓународното право – правото на еднаква сувереност!

Правото на еднаква сувереност подразбира взаемно разбирање и почитување, соработка по сите прашања од заеднички интерес, со немешање во внатрешните работи на суверените држави и народи, на реципроцитетна основа.

Албанија е држава на Албанскиот народ! Македонија е држава на Македонскиот народ! Во Албанија живеат и Македонци! И во Македонија живеат и Албанци!

Основниот принцип на меѓународното право – еднаква сувереност, во македонско-албанските односи значи: Што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија! И само така ќе бидеме еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните! Никако поинаку!

И двете држави мора да бидат функционални и одржливи! Не може едната или другата држава да ја рушиме, со злоупотреба на човековите права и слободи до апсурди, за да создадеме Голема Македонија до Јадранско Море, или Голема Албанија до Бугарија!

Во барањата мораме да бидеме рационални и разумни!

Секој дизбаланс во овие односи создава недоверба, поткрева омраза, која завршува со војна и одмазда, со етничко чистење и разграничување по етнички линии.

Најлесно да растурите една држава е да имате компактно малцинство на определена територија кое тендира на обединување со матичната држава, постојано рушејќи ја унитарноста на земјата каде што живее, со сите дозволиви и недозволиви средства!

Но, неодговорна Влада, се разбира формирана од партија, е таа, којашто во страста за власт и сласта за моќ и пари, ги манипулира националните малцинства ветувајќи им невозможни нешта, за вечно да владее. Дури и во такви услови, прашањето е до кога власт? Кога сепаратистичките тенденции на националното малцинство ќе бидат задоволени, која територија и кој народ за да владее ќе и останат на Владата, која тргувала со националните и државните интереси?

Во Македонија се случи војна 2001 година. За НАТО, ОВК и ОНА беа терористички организации, иако самите ги формираа, како и АЛ КАЕДА во Авганистан и ИСИС во Ирак и Сирија.

Се разбира, војната во 2001 година не беше војна меѓу Македонците и Албанците, војната во 2001 година не беше војна меѓу православните и муслиманите, туку симулирана војна за имплементација на определени глобални интереси на Соединетите Американски Држави за свои сфери на влијание на овие простори. Косово стана предворје на Бонд Стил, Македонија стана предворје на Калето.

Лесно е од позиција на сила да се владее со дестабилизација и контролирана нестабилност на Македонија.

Но… не постои современа демократија во светот во која мутликултурализмот се едначи со повеќејазичност на целата територија! Тоа го нема ниту во САД, Велика Британија, Франција, Италија, Шпанија, Германија…

Не постои унитарна држава во светот со повеќејазичност на целата територија!

Се разбира, Македонија е носител на културниот глобализам што подразбира интергација со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам којшто врз профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, се’ до нивна физичка ликвидација од земјината топка.

Меѓутоа, културниот глобализам не е антипод на националните држави во светот! Затоа и еднаквоста на сите пред Уставот и законите, правата на националните малцинства слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите, да употребуваат свои симболи… Тука и обврската на државите да ја гарантираат заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на националните малцинства, да спречат мајоризација на мнозинството врз малцинствата, како што националните малцинства се должни да ги почитуваат законите на мнозинството!

Припадниците на националните малцинства имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет. Припадниците на националните малцинства имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Но, во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик мора да се учи и Македонскиот јазик!

“Космополитизмот“ не е антипод на државноста! Не постои држава во светот, воопшто меѓу големите демократии и велесили, која заради “поголемо меѓуетничко разбирање и почитување“ или мултикултурна интеграција, воведува повеќе службени јазици на целата територија на државата!

Напротив, дури и држави со мнозински народ, кои порано биле колонии на британската круна, соодветно и на други колонијални сили, го користат англискиот како службен јазик затоа што е литературно најразвиен, а речиси сите го разбират. Во мултикултурните западни држави се користи мнозинскиот јазик како единствен службен јазик на целата територија, како фактор за интеграција меѓу сите. Во Австралија или САД, домородните народи, врз кои бил извршен геноцид и биле жртва на белиот расизам, не бараат нивниот мајчин јазик да стане службен, туку подобри услови да го научат англискиот. За жал, Албанците во Македонија и тие кои извонредно го зборуваат и разбираат Македонскиот јазик одбиваат да го говорат, со јавноста често се случува да комуницираат само на албански јазик.

Оттука, крајно неосновано е да се глорифицира Зоран Заев, кој поради коалициски математики им го процесуира Законот за употреба на јазиците на ДУИ, а од друга страна да се напаѓа претседателот на државата затоа што со непрогласување на Законот тоа задоволство им го ускратил.

Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како единствен службен јазик на целата територија на Македонија и во нејзините меѓународни односи, не е мерка за дискриминација кон националните малцинства, туку напротив, фактор за интеграција на сите во “едно општество“, како што знае да милува и каже Зоран Заев! Напротив, воведувањето на албанскиот јазик на целата територија на Македонија, за разлика од сите останати малцински јазици, ќе го гетоизира албанското малцинство и ќе го подели општеството за навек!

Особено што не може со казни да принудите друг да научи туѓ јазик. Ако има казни за Македонците што нема да го говорат албанскиот јазик, дали соодветно ќе има исти казни и за Албанците што нема да го говорат Македонскиот јазик? Тогаш како би биле сите еднакви пред Уставот и законите, ако само Македонците плаќаат високи казни затоа што не го говорат албанскиот јазик, а Албанците да не плаќаат исти казни ако не го говорат Македонскиот јазик?!

Одлуката на Иванов не е дискриминација кон албанското национално малцинство, туку корекција на забеганоста на власта, одлуката на Иванов е со намера да се спаси државата од дезинтеграција по сите линии, функционално, а дологорочно и територијално. Впрочем, не случајно, тивкото етничко чистење на просторот, чии жртви се Македонците, во држава во која Македонскиот народ е мнозинство, има за цел да изнуди етнички чисти територии како основа и за територијална дезинтеграција.

Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година во целост е имплементиран во Уставот! Преку сила, на 4 август 2008 година е донесен и Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Реопублика Македонија“ број 101/2008). Никој во државата не помислуваше дека ДУИ ќе продолжи со уцени преку албанскиот јазик, албанското малцинство да добие статус државотворен народ со право на самоопределување до отцепување.

Ако се достојни, Албанците треба да откажат секаква сервилност кон туѓи и други центри за промена на името на државата. Името на државата не е малцинско прашање!

Понатаму, Охридскиот рамковен договор е инкорпориран во Амандманот V на членот 7 од Уставот на Република Македонија. Барањето за воведување на албанскиот за службен јазик на целата територија на Република Македонија не е дел од Охридскиот рамковен договор и очигледно е дека Законот за употреба на јазиците од 11 јануари 2018 година не е во согласност со Уставот на Република Македонија, ниту со Охридскиот рамковен договор!

Повикувајќи се на Европската повелба за регионални и малцински јазици, единственото за одржлива демократија и функционална држава е членот 7 од Уставот од 17 ноември 1991 година: Во општините каде што едно национално малцинство е мнозинство, покрај Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик, во службена употреба е и писмото и јазикот на националното малцинство. Во општини што ќе се определат со Закон што се донесува со двотретинско мнозинство!

Затоа, без демагогија, Законот за употреба на јазиците значи гето и изолација на албанското малцинство, сепарација на македонското општество и дезинтеграција на државноста и унитарноста на Македонија!

На крајот на краиштата, во Македонија не се само Албанците национално малцинство, а Законот за употреба на јазиците ги дискриминира сите национални малцинства во еднаквоста пред Уставот и законите!

Македонците тоа нема да го дозволат! А, предавниците, веќе видовме како профилираат конфликт во општеството! Не смееме да станеме жртви на забегани во лудило и безумие!