Средба на пратеничките групи за соработка меѓу парламентите на Македонија и Австрија

sobraniee
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Делегација на Пратеничката група (ПГ) на Парламентот на Република Австрија за соработка со Собранието на Република  Македонија, која престојува во дводневна посета на земјава, денеска оствари средба со претседателот на ПГ на Собранието за соработка со австрискиот Парламент, Арбер Адеми и со членови на оваа група.

Адеми изрази задоволство поради посетата, нагласувајќи дека вакви средби се можност за размена на искуства во повеќе области. Тој посочи и на неодамнешната билатерална посета на австрискиот претседател на земјава, оценувајќи дека тоа е уште една потврда за долгогодишното македонско-австриско пријателство и партнерство.


Пратеничката Штефани Криспер, како шефица на австриската Делегација, ја реафирмира континуираната поддршка од Австрија за процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, нагласувајќи дека таа поддршка ќе продолжи и во наредниот период, со цел постигнување на стратешката цел на земјава за членство во Унијата.

Криспер посочи дека и на членството на Австрија во ЕУ му претходеа многу дискусии и дека ги разбира дилемите во тој контекст со кои се соочуваат граѓаните на Македонија, нагласувајќи дека, и покрај се, мора да продолжат реформите во земјава за постигнување на бенефитите што ги носи влезот во Унијата.

Осврнувајќи се на почетокот на скрининг-процесот за Македонија во рамки на ЕУ, Адеми посочи дека, покрај континуираната посветеност на реформите, на земјава и претстои и процесот на уставни измени, предвидени со Преговарачката рамка, а со цел конечно постигнување на втората стратешка цел на земјава – членството во Европската Унија, покрај влезот во НАТО.

Пратеничката Силвана Ангелевска се заблагодари на поддршката од Австрија за земјава. Таа рече дека интеграцијата на земјава во ЕУ е заедничка цел, посочувајќи дека земјава, сепак, била, соочена со многу отстапки на тој пат.

Пратеничката Маја Морачанин рече дека е потребно зајакнување на соработката меѓу сите политички групи во Парламентот, затоа што тоа ќе влијае и на подигнување на нивото на доверба кај граѓаните во однос на евроинтеграциските процеси. Како пример, Морачанин го посочи Клубот на пратенички, каде што, како што рече, пратеничките од сите политички групии заеднички инцирале многу битни закони во поглед на родовата еднаквост.

Пратеничката Драгица Ѓавочанова зборуваше за економската соработка и за значењето на австриските инвестиции во земјава, посочувајќи и на можностите за соработка меѓу двете земји во делот на образованието.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK