Србија, Северна Македонија и Албанија со изложбата „Супстрати“ во Париз, која е заеднички проект на тројца уметници од државите на Отворен Балкан, ја почнуваат сезоната на Отворен Балкан 2024 година, јави дописникот на МИА од Белград.
Министерството за култура на Србија соопшти дека изложбата ќе биде отворена на 13 јули во 20 часот во Културниот центар на Србија (КЦС) во Париз, и ќе вклучува нови проекти на Нина Жељковиќ (Република Србија), Кристина Пулејкова (Северна Македонија) и Дријант Зенелиј (Албанија), кои настанале и продолжуваат да функционираат во локалитетите во сите три земји. Со прелевање во неколку различни медиуми, нивните дела за публиката создаваат извонредно искуство кое постојано се развива.
Изложбата се фокусира на средбата и дијалогот меѓу уметниците што резултира со ново заедничко творештво и е предодредена да функционира како фундаментален момент за воспоставување на резиденцијалната програма за номадски уметници што ќе се одржи во сезоната „Отворен Балкан 2024“.
Фокусирајќи се на современата уметност како платформа за подигање на свеста и трансформација на природното и културното наследство, проектот „Супстрати“ ги истакнува суштинските врски што постојат меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, трите земји кои во моментот учествуваат во проектот „Отворен Балкан“ и повикува на повторно поврзување со заеднички геофизички основи, заеднички ритуали и имагинарии кои ги поврзуваат.
Со оваа изложба, која ќе трае до 12 август, КЦС во Париз ја најавува сезоната „Отворен Балкан“ која ќе се одржи во текот на 2024 година. Проектот се спроведува под покровителство на министерствата за култура на Србија, Северна Македонија и Албанија, а куратор на изложбата е Клаудија Пеколд, основач на Curating Evolution.
– Во согласност со иницијативата „Отворен Балкан“, министерствата во соработка со КЦС во Париз го започнаа проектот „Сезона на Отворена Балкан“, кој во текот на 2024 година ќе се одржи во КЦС во Париз со цел меѓународно претставување на проектот. Програмата на сезоната ќе биде можност за трите земји да ја претстават својата визија за балканската култура, нивните уметнички сцени, приказни од историјата, митовите и легендите, сето тоа во современ концепт. Преку меѓукултурен дијалог и интердисциплинарен пристап, проектот ќе ги промовира културните и уметничките специфичности на Балканот, се наведува во соопштението на Министерството за култура на Србија.