Спасевска: Само со вклучување на целиот научноистражувачки потенцијал и политичка одлука на државата може да го вратиме УКИМ помеѓу првите 1000

spasevska
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Инволвираност на целиот научноистражувачки потенцијал на универзитетот, но пред се политичка одлука на државата да го има најдобриот универзитет помеѓу првите 1000 е клучен фактор за враќање на УКИМ помеѓу високо етаблираните универзитети во светот. Ќе се направи фонд за наука, во кој освен постоечкиот буџет ќе се додадат и средствата од намалувањето на додатокот за ректор и проректор кои ќе бидат насочени за финансирање на млади истражувачи и нивните ментори, вели проф. д-р Христина Спасевска, редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), проректор за настава и актуелен кандидат за ректор на УКИМ, во интервју за УМНО.

„Кога зборуваме за зголемување на научноистражувачките проекти и подигнување на рејтингот на УКИМ, овде несомнено важна улога игра државата, Владата и Министерството за образование и наука кои треба да одлучат дали сакаат нашиот најстар и најреномиран универзитет да го вратиме меѓу најдобрите 1 000. Наша задача пак како Ректорат е да креираме мериторен систем со приоритетни цели и чекори кои во соработка со државата ќе ги имплементираме”, дополнува Спасевска.


За ова проректорката Спасевска во неколку наврати зборуваше во своите јавни излагања, истакнувајќи ја важноста од изготвување на долгорочна стратегија колку чини квалитетно високо образование, колкав буџет му е потребен на УКИМ, со којашто стратегија понатаму ќе може да се преговара со државата. УКИМ сè повеќе го губи оној стар сјај по којшто беше препознатлив како најстар и најдобар, вели Спасевска, а решавање на ова прашање е еден од клучните столбови на коишто се темели нејзината програма за европско образование на УКИМ.

„Подигнување на квалитетот на настава, вложување во наука и научноистражувачки проекти со што ќе ги поттикнеме професорите и младите студенти активно да се вклучат во подготовките и реализацијата. Многу важен сегмент се и меѓународните проекти кои за жал ги имаме во сè помал број, што поради недоволна ангажираност, но и од страв дали ќе можат да се справат со сите административни пречки во текот на аплицирањето и реализацијата на проектите”, дополнува таа.

„Европско образование на УКИМ” е програмата со којашто Спасевска на овие избори за ректор на УКИМ очекува да ја добие поддршката од колегите професори и студенти, а центар на оваа програма се студентите, нудејќи европско образование дома, преку меѓународно препознатливи студиски програми, ориентирани кон стопанството и јавниот сектор, дополнето со практична работа.

„Нашите студенти по завршувањето на студиите ќе имаат успешни професионални кариери и брзо напредување. Основна заложба на УКИМ ќе биде поддршка на барањата на нашите студенти кон државните институции, компаниите и јавноста во целина. Заеднички со нив ќе ги создаваме нашите приоритети и дефинираме акциските планови за работење на УКИМ, истовремено гарантирајќи целосна автономија на одлучување во сите универзитетски тела и органи”, заклучува таа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK