Состојбата со Ковид-19 под контрола, здравствениот систем се подготовува за вакцинација


Бројот на заболени од Ковид-19 минатата недела е намален за 9,9 отсто, а се зголеми бројот на оздравените. Надлежните сметаат дека состојбата е под контрола, а здравствениот систем веќе почна со подготовките за вакцинација против Ковид-19. Први што ќе се вакцинираат се здравствените работници, вработените во војската, полицијата и хронично болните.



Вакцинирањето, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе го спроведат лекари и медицински сестри кои не работат со ковид пациенти, и ова ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да се спроведе.

Во текот на следната недела ќе се организира и вежба на терен за тоа како би изгледал самиот процес на вакцинација.

Препораката е први да бидат вакцинирани здравствените работници, вработените во војската и полицијата, сите јавни службеници, во јавниот транспорт, хроничните болни, сите критични групи согласно мислењето на експертите.

И другите држави се во процес на подготовка на здравствените системи за вакцинирање. Велика Британија е првата во светот која ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ против Ковид-19, и веќе од следната недела почнува со вакцинирање.

Британскиот премиер Борис Џонсон дури најави дека би можел да се вакцинира пред телевизиски камери, за да покаже дека вакцината е безбедна и ефикасна .

За вакцинација се подготуваат и САД. „Вашингтон пост“ објави дека во текот на декември треба да бидат пуштени околу 40 милиони дози на вакцини од фармацевстките компании „Фајзер“  и „Модерна“, доволни да се имунизираат 20 милиони луѓе. Засега, за тоа се уште се чека одобрување од Администрацијата за храна и лекови на САД.

Германија, пак, се одлучи за подолга постапка за одобрување на вакцината против Ковид-19. Министерот за здравство Јенс Шпан изјави дека Германија и други земји од ЕУ можат да издадат одобрување по итна постапка, но се решиле за заеднички европски пристап, со цел да се зголеми довербата во вакцината.