Состојбата со коронавирусот во државата засега е стабилна, имунизацијата на населението се одвива непречно на сите пунктови


– Продолжува трендот на намален број на новозаболени лица од коронавирусот во државата. Според вчерашните податоци објавени од Министерството за здравство, регистрирани се 15 нови случаи, а нема починати лица.


 

Во текот на деноноќието меѓу вторникот и средата направени се вкупно 2.550 тестови, а вкупниот број на активни случаи во државава вчера изнесуваше 234.

Министерството за здравство информира дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен,  вакцинирани се вкупно 467.822 граѓани.

Според податоците, досега прва доза примиле 3.686 граѓани, аплицирани се 760.961 дози вакцини и ревакцинирани се 293.139 граѓани.

Според последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 60 отсто од населението над 70 години, 58 проценти од граѓаните над 65 години, 53 отсто од оние над 60 години и 43 проценти од лицата над 50 години, информира Министерството за здравство.

Веб-страната vakcinacija.mk е отворена за закажување на термини за вакцинација на децата.

Додека состојбата со делта сојот во нашата држава засега е стабилна, Светската здравствена организација е загрижена за ширење на сите четири видови на вирусот. Од СЗО во текот на вчерашниот ден соопштија дека се зголемува и бројот на земји и територии каде циркулира многу заразниот делта сој на коронавирусот.

Според последните податоци на СЗО, бројот на земји во кои е регистрирано присуството на делта сојот е зголемен за седум од 13 јули и сега тој е присутен во 124 држави.

Експертите тврдат дека делта сојот брзо ќе се прошири и ќе ги засени другите варијанти, а потоа ќе стане доминантна мутација на Ковид-19 во следните години.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на вчерашната 138. Седница на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), предупреди на закана од поопасен вид на коронавирус од делта сојот.

– Колку е пораспространет вирусот, толку повеќе варијанти ќе се појават, со потенцијал да станат уште поопасни од варијантата Делта, која прави толку многу штета во моментов. И колку повеќе варијанти има, толку е поголема можноста некои од нив да бидат неранливи на вакцините – и сите ќе се вратиме на почетокот, рече Тедрос.

Според него, пандемијата на коронавирусот е тест со кој светот сè уште не се справил и додава дека до крајот на Олимписките игри во Токио, на 8 август се проценува дека во светот како последница од коронавирусот ќе починат повеќе од 100.000 луѓе.

Ревакцинацијата во нашата држава продолжува да се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.

Теренската вакцинација продолжува и денеска во 58 населени места:

Тетово – Селце, Вејце, Лавце

Гостивар – Дебреше, Врањовце

Ресен – Горнa Бела Црква, Долна Бела Црква, Сопотско, Козјак, Евла, Горно Дупени, Болно

Штип – Калаузлија, Јунузлија, Парналија, Кучица

Свети Николе – Малино, Преод

Струга – Корошишта

Ростуше – Требиште, Велебрдо

Струмица – Муртино, Габрово

Неготино – Бесвица, Барово

Пробиштип – Плешенци

Кочани – Тркање

Кичево – Г.Строгомиште, Д. Строгомиште

Битола – Добромири, Д.Агларци, Г.Агларци, Делбеговци, Дедебалци, Путурус, Црничани, Добрушево, Алинци, Мусинци, Мојно, Ношпал

Охрид – Рамне, Велестово, Рача, Шипокно, Коњско, Елшани, Лагадин

Македонски брод – Лаг, Калуѓерец, Могилец

Велес –  Виничани, Ногаевци, Водоврати, Кочилари

Скопје – Драчево, Батинци

Берово – Ратево

Досега во земјата се направени вкупно 935.282 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.965, бројката на оздравени пациенти е 150.243 а починати се 5.488 лица.