Сопругата на претседателот на државата го посети инфективното одделение во болницата во Куманово


– Сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, денеска го посети Одделот за инфективни болести при Општата болница во Куманово.


 

Ѓоргиевска, како што информира Кабинетот на претседателот, била информирана за тековните активности и за предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници во овој оддел. Во таа насока, таа ја нагласила нивната пожртвуваност, посветеност и висок професионализам, особено имајќи ги предвид сложените услови за работа наметнати од пандемијата на Ковид-19, притоа истакнувајќи ја неопходноста од одговорно и свесно однесување на сите граѓани, за побрзо надминување на глобалната здравствена криза.

За време на посетата, Ѓоргиевска се сретнала и со здравствениот персонал ангажиран во „Зелената зона“ на Модуларниот ковид центар, кои ја запознале со капацитетите и со интензитетот на нивната работа во услови на Ковид-19. Ѓоргиевска изрази увереност дека со намалувањето на бројот на заболени, за брзо време ќе се воспостави и нивното нормално функционирање.

Во духот на традицијата на празникот Рамазан бајрам, Ѓоргиевска со домашно подготвена баклава го почестила дежурниот медицински тим во Одделот за инфективни болести и во трите ковид – центри на Општата болница во Куманово.