Собранието ја продолжи 32. седница, нема доволен број пратеници за гласање


– Собранието на Република Северна Македонија денеска ја продолжи 32. седница, но поради недоволен број пратеници, гласањето за законите ќе биде дополнително закажано. На седницата има 48 точки, а останати за разгледување се 47 откако вчера беше избран народниот правобранител.


 

Собранието ја заврши расправата за предлог-законите за измени на законите за детективска дејност и за гранична контрола, како и за измените и дополнувањата на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека измени на законите за детективска дејност и за гранична контрола се всушност усогласување со Законот за прекршоци.

Во законот за детективска дејност глобите се намалуваат, но, како што кажа Стојановски, но треба да се води сметка да не се отиде во спротивност што ќе значи загрозување на општата безбедност на граѓаните.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ има, како што кажа, суштинска забелешка за законот за гранична контрола, бидејќи со драстичното намалување на глобите се создава можност за  мигрантите или за оние кои сакаат да превезуваат мигранти полесно да се одлучат да го направат тоа поради тоа што глобите значително ќе се намалат.

-Мора да бидеме повнимателни кога регулираме закони кои се од значење за националната безбедност, смета Стојановски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери потенцираше дека претставниците на повече институции чии годишни извештаи или програми се на дневен ред на оваа седница не се присутни во салата и затоа смета дека во иднина треба сериозно да се размисли за нивната иднина и нивните постапки поради фактот што поголем дел од нив се избрани од Собранието.

На 32. Седница на дневен ред се Предлог на одлука за одобрување на Годишната програма за работата на Агенцијата за пошти за 2021 година, Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2021, Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењето на осигурителниот пазар во Македонија во 2019 година, Годишниот извештај за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година, Годишен извештаја на Агенцијата за електронски комуникации за 2019 година, Извештај за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2019 година и други.

Додека траеше седницата во Собранието се одржуваа и седници на неколку комисии, така што Џафери даде пауза за да овозможи присуство на министри и пратеници.

Седницата треба да продолжи со третата точка односно Дополнетиот предлог на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.