
– Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) објавуваат повик за изработка на фото стории насловен „Сликни го твојот глас!“. Рокот за поднесување на фото-сториите е до 15 февруари годинава и заинтересираните кандидати своите апликации можат да ги испратат преку електронската пошта на ssnm.info@gmail.com со назнака во насловот – За повик „Сликни го твојот глас“.
Оттука, од исклучителна важност е кревање на свеста за овие прашања особено за нападите, заканите, онлајн малтретирањето базирано на родова основа, велат од ССНМ.
Повикот е отворен за сите заинтересирани новинари/ки и медиумски работници кои имаат и сакаат да раскажат приказна (или сопствено искуство) за напад, закана, малтретирање, дискриминација, прекршување на работнички права или за тоа како одреден инцидент влијаел на нивната работа, низ фотографија и збор.
Фотографијата или друг вид на дигитален израз треба да испраќа одредена порака, асоцијација или да отвори поле за размислување поврзано со текстуалната порака која авторот/ката сака да ја испрати. Заинтересираните треба да испратат една авторска фотографија/ монтажа проследена со краток текст од најмногу 200 карактери како појаснување на својата фото-сторија. Апликациите треба да содржат: име и презиме на авторот/авторката, фотографија/ монтажа со висок квалитет од најмалку 4 мегабајти, ворд документ со кратката порака. Авторите на избраните фото-стории ќе добијат бруто надомест од 12.500 денари.
Комисија составена од тројца искусни новинари и фоторепортери ќе ги избере петнаесет најкреативни фото-стории пристигнати на повикот, кои ќе бидат презентирани на пошироката јавност во онлајн кампања за подигање на свеста за ова прашање, како и за отворање на дебата за можните механизми за заштита.
По завршувањето на онлајн кампањата, ќе биде организирана и изложба на која авторите ќе треба да ги презентираат своите дела.
Активноста е во рамки на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“ (Safer Media Workers for Quality Journalism in North Macedonia) финансиран од Балканскиот труст за демократија (Balkan Trust for Democracy) преку Програмата за слобода на медиуми.