Скопската област во времето на византиската власт од 1018 до 1204 година – 5 дел


По потпаѓањето на Самуиловата држава под власта на Византија положбата на македонското население во првите години не била многу тешка. Народот ги плаќал истите даноци како и порано. Феудалците кои доброволно се предале ги зачувале своите земјишта. Македонските свештеници и владици во почетокот биле оставени на своите места. Охридската архиепископија ги задржала истите права што ги имала и порано, со тоа што од патријаршија била симната во ранг на архиепископија. Со тоа Василиј II (976-1025)сакал да ја придобие Црквата, преку која сметал да го држи народот во покорност.[1]

Меѓутоа, ваквата положба не продолжила долго време. По смртта на Василиј II положбата на македонскиот народ сосема се изменила. На многу феудалци им биле одземени правата што им ги признавал Василиј II.  Положбата на народот се влошила и поради измената на даночниот систем што бил во сила во време на Самуил. Со таа измена главните даноци требало да се плаќаат со пари, а не во стока.Бедата на селското население уште повеќе ја зголемувале и честите невремиња, како сушите и друго, што предизвикувале глад.[2]  

Во текот на XI век, Македонскиот народ не можел да ја издржи оваа положба и во 1040 година дигнал востание. На чело на востанието застанал Петар Делјан. Скопје станало седиште на македонските востаници, во него бил сместен штабот на Петар Делјан, а во 1072 год. во Скопје ја започнува својата ослободителна војна Ѓорѓи Војтех.[3]

Петар Делјан потекнувал од царски род. Тој бил внук на Самуил, син на Гаврило Радомир од неговата прва жена[4] ќерка на унгарскиот крал, која какошто известува Михаило Деволски, бремена ја истерал за да се ожени со Ирина, убавата робинка од Лариса.[5] Петар Делјан откако бил признат за цар од востаничката војска која се собрала околу Белград, тргнал за Скопје и го освоил.[6] Во тоа време избило востание во Албанија во Драчката област, под раководството на некој Тихомир. Петар Делјан не сакал да ја дели власта со друг, па затоа го повикал Тихомир да се договорат. На состанокот востаниците го избрале Делјан за водач, а Тихомир го убиле.[7]

По обединувањето на востаничките сили под единствена команда, Петар Делјан ги проширил борбите против Византија. За да се обезбеди од ненадеен напад од Драч, од каде византиската власт во секое време можела да истовари нова војска, Делјан таму испратил еден дел од востаничката војска. Поддржувана од населението, востаничката војска успеала да ја потчини Драчката тема- област. Со тоа ослободената територија од востаниците значително се зголемила.

По овој успех востаниците продолжиле да  ослободуваат нови области. Тие ја ослободиле скоро цела Македнија, освен Солун и навлегле во Тесалија. Во Тесалија го зазеле градот Деметријада, на северниот брег на Егејскиот залив (денешен Волос).

Охрабрен од победоносниот тек на востанието, Петар Делјан се готвел да го освои и Солун – најголемата град на Византија во Македонија и пошироко на Балканот. Меѓутоа византискиот император Михаил IV заплашен од успехот на востаниците, решил да тргне против нив со голема војска. Главната битка се одиграла кај Солун. Во оваа битка востаничките сили претрпеле тежок пораз. По поразот на востаничката војска, Петар Делјан кој се наоѓал во Острово, бил предавнички ослепен и заробен. По тоа востанието било задушено[8].

Во 1072 година македонскиот народ повторно дигнал востание, што го подготвил феудалецот Ѓорѓи Војтех. Средиштето на востанието било во Скопје. За борбата против Византија востаниците побарале помош од кнезот на Зета, Михајло. Тој им испратил како помош на востаниците еден одред војска, на чело со војводата Петрило и својот син Бодин. Востаниците со радост го дочекале Бодин и го прогласиле за цар, кој бил преименуван од Константин во Петар, во чест на Петар Делјан.[9] Неколкупати ја победиле византиската војска. Охрабрени од овие победи, тие ја продолжиле борбата. Бодин тргнал кон север и го ослободил целото Поморавје до Ниш, а војводата Петрило со востаниците тргнал кон југ. Потоа, тој ослободил голем дел од Повардарјето и Охрид и дошол до Костурско Езеро. Востаниците претрпеле неуспех, а Петрило одвај успеал да се спаси. Војтех се укрепил во Скопје, но не можел да го одбие нападот на големата византиска војска. Тој им се предал на Византијците[10].   Меѓутоа, тајно му јавил на  Бодин и го повикал да се врати назад. Кога разбрал за поразот на Петрило, Бодин го напуштил Ниш и се упатил кон југ. Но, на Косово Поле бил пречекан од многу посилна византиска војска и поразен. Во битката Бодин бил заробен. Заробениот Бодин и Ѓорѓи Војтех биле одведени во Цариград. На патот Ѓорѓи Војтех умрел, а Бодин бил одведен во Цариград од каде подоцна со помош на својот татко бил вратен во Дукља. Со тоа и ова востание на македонскиот народ во почетокот на 1073 година било ликвидирано, а во Македонија повторно била воспоставена византиската власт. Тогаш биле разурнати и Самуиловите царски дворци во Преспа, а бил ограбен и храмот Св.Ахил.[11]

Востанијата на Петар Делјан и Ѓорѓи Војтех за македонскиот народ имале ослободителен карактер.[12]По задушувањето на востанието словенското население во Македонија било изложено на уште позасилен степен на ромеизација. Воедно економско – социјалниот живот станал уште потежок. Византиските чиновници ги зголемиле грабежите и насилствата. Маките на македонскиот народ се зголемиле и од крстосниците, кои, на пат за Ерусалим, минувале низ Македонија. Тие правеле големи пакости- грабежи, палежи, убиства. Во тоа време Македонија страдала и од други насилници од варварските племиња Кумани и Печенези[13], а особено од Норманите. По победата на византиската војска кај Драч и Јанина тие навлегле во Македонија ги зазеле градовите Охрид, Скопје, Бер и други места. При тоа освоените места ги ограбиле и опустошиле[14].

*

*          *

            Во 1082 година норманските одреди под водство на Пунтесиј, го заземаат Скопје и го држат до 1088 год. Скопје е повторно нивни плен во 1097 год. кога е освоено од војската на херцогот Боемунд Таренски, син на Робер Гвискар. Нешто пред тоа во 1093 год. рашкиот жупан Вукан ја опустошил околината на Скопје.[15]

По овој период, во крајот на XI и речиси во целиот XII век, во Византиското царство владее династијата Комнени. Во Скопје под власта на моќните Комнени имало релативно мирен период на развој и творештво, што бил нарушен само еднаш со краткотрајното негово заземање од српскиот жупан Немања во 1189-1190 година. За Скопје слушаме и од арапскиот географ Идриси (околу 1153), потоа од една грамота на Алексиј III издадена во Венеција во 1198 год., со која се гарантираат определени права на нејзините трговци во овие краишта. Нема сомнение дека Скопје веќе станало познато трговско средиште во внатрешноста на Среден Балкан[16].

Силните императори Алексиј I Комнен (1081-1118), неговите наследници Јован II Комнен (1118-1143) и Маноил I Комнен (1143-1181), успеале да ја смират внатрешната анархија во Византија и да ги запрат надворешните инвазии. Тоа е причината за моќното Византиско царство во нивно време.[17]

Во времето на императорот Алексиј I Комнен продолжува ремеизацијата на Охридската архиепископија. Грчкиот јазик бил официјален во богослужбата.  Што се однесува до диецезата на Архиепископијата, во епархиските списоци  на императорот Алексиј I Комнен се набројуваат епископиите: Касторија (Костур), Скопион (Скопје), Велбужд (Ќустендил) итн.[18]

Опасноста што настапила со овие немири во Македонија и што се одржувала и во соседните области го присилила Алексиј I Комнин, во никулецот да задуши секаков бунт, а особено тој од Македонија.

По овие немири сето тоа дојде до израз во востанието од 1185 год. на чело со феудалецот Добромир Хрс. Тој направил прв обид во Македонија за отфрлање на византиската власт и за создавање на самостојна држава. Добромир Хрс бил управник на градот Струмица. Но, кога дошло до немири во Византија, во времето на првите години од владеењето на императорот Алексиј III Ангел (1195-1203), Добромир Хрс се осамостоил во струмичката област.Тој се носел со мислата во Македонија да создаде посебна држава. За таа цел тој го искористил присуството на крстоносците и со својата војска навлегол во серската област, а потоа и по долината на Вардар, освојувајќи ја стратегиски многу важната тврдина Просек, која се наоѓала на левиот брег на реката Вардар во близина на Демир Капија. Бидејќи Просек бил природно добро утврден град, Хрс го направил свое седиште.

Успесите на Хрс ја принудиле Византија во 1199 година да преземе воен поход против одметнатиот владетел, утврден во Просек. Бидејќи, Византијците не можеле да ја заземат тврдината стапиле во преговори со Хрс и склучиле спогодба, со која тој бил признат за независен господар на Просек, Струмица и соседните области во Македонија.  Меѓутоа, користејќи ги немирите во Византија Хрс продолжил со освојување на нови земји во Западна Македонија, заземајќи ја Пелагонија со Прилеп[19] и Битола. Но по неколку години, откако ја средил внатрешната положба во државата, византискиот император презел поход против Хрс, заземајќи ја повторно Пелагонија. Во 1202 година византискиот император Алексиј III Ангел со измама ја освоил и Струмица[20], а другиот дел територијата на Хрс го зазеле Бугарите. Така, Добромир Хрс ги загубил скоро сите владеења и бил потиснат во Просек, каде што му се губи секоја трага, со што престанало да постои неговото независно владеење.[21]

Во последните години од XII век, во 1190 година, Скопје го зазел српскиот жупан Стеван Немања (1170-1196). Во времето на крстоносните војни, кога Византија западнала во тешка положба, рашкиот голем жупан Стефан Немања ја отфрлил византиската власт и повел борба за проширување на својата држава. Немања ги освоил Косово и Метохија, потоа Зета со градовите Котор, Бар, Улцињ и Скадар и територијата помеѓу Западна и Велика Морава. Меѓутоа, Византија сè уште била доволно силна и во наредните години го поразила Немања, но не му ги одзела освоените земји, зашто настојувала да ја приврзе кон себе рашката владетелска динстија. Заради тоа средниот син на Немања, Стефан, бил оженет со византиска принцеза Евдокија, ќерката на царот Алексиј III Ангел околу 1196 година[22].

Стефан Немања успеал да ја зацврсти својата власт, како во Рашка така и во другите освоени земји. Во тоа особено му помагало свештенството. Затоа Немања градел многу цркви и манастири и им давал богати подароци и земја заедно со селаните.

За време на владеењето на Стефан Немањиќ на Балканскиот Полуостров настанале големи промени. Крстоносците од IV крстоносна војна го освоиле Цариград во 1204 г. и условиле да се распадне Византиското Царство. На територијата од Византија биле создадени повеќе крстоносни држави. За да ја зачува независноста на Србија, и за да ја издигне својата власт, Стефан се поврзал со Венеција и папата Инокентие III. Добрите односи со папата му донесле кралска круна, така што во 1217 година пратеникот на папата го крунисал за крал. Бидејќи бил прв рашки владетел крунисан за крал Стефан Немањиќ бил наречен Првовенчани. Со прогласувањето на Рашка за кралство, Српската средновековна држава и официјално добила легитиметет.

Во времето кога Цариград паднал во рацете на Латините, во 1204 година, Скопје го зазел бугарскиот цар Калојан. Како што се ширела бугарската држава, така растела и јурисдикцијата на Трновската архиепископија за сметка на Охридската архиепископија и Цариградската патријаршија. Меѓу 1185 и 1204 година Трновската архиепископија ги одзела од Охридската архиепископија – Видинската, Средечката, Велбуждската. Нишката, Скопската и др. Калојан ги сменил епископите Ромеи и назначил бугарски епископи.[23] По неговата смрт македонските земји се отцепуваат од Бугарија и тука владее Стрез, господарот на Просек под чија власт е и Скопје.

Податоците за бројот на црквите и на манастирите во Скопје и Скопската област во XI и XII век, се побогати, но не целосни, иако се знае дека многу религиозни објекти, познати во изворите во XIII и XIV век, постоеле најверојатно многу порано, а во следните векови биле само обновувани. Меѓу најстарите познати христијански храмови по доселувањето на Словените во средновековно Скопје, претставува манастирот Св.Георги-Горгос, обновен од византискиот император Роман III Аргир, меѓу 1028 и 1034 година, на Виргино Брдо над реката Серава во непосредна близина на Скопје. Покрај манастирот Св.Георги Горгос како најголем црковен феудален поседник, во текот на XII век, во градот Скопје се споменува манастирската црква Богородица Троеручица, наречена така поради иконата на св.Богородица со три раце. Оваа манастирска црква била резиденција на скопскиот епископ. Податокот дека во 1203 година, во оваа црква се наоѓал епископскиот трон на епископот Марин, упатува дека црквата била постара од XII век. Нејзиното постоење изворно е потврдено до крајот на XIV век.[24]

 

Знамето на Византија

Поради стратегиското значење на Македонија во воените операции против Србите и Унгарците во средината на XIII век, може да се претпостави дека византиската војска поминала преку Скопје и Скопската Котлина. За походите на Маноил I Комнин против Србите во 1149 и во 1168 год. во науката се верува дека царот поминал низ Скопје. Тука изгледа внукот на Маноил Комнен, Ангел Комнен, имал поседи, ја изградил црквата Св.Пантелејмон во Нерези.[25] Која под влијание на сликарските центри во Солун и Охрид, сликарите во Скопје со своите дела се приближиле кон реализмот, како претходница на италјанската ренесанса. Станува збор за сликарството на манастирската црква Св.Пантелејмон во с.Нерези.

Денес знаеме за тоа дека постоеле неколку населби во подрачјето на денешниот град. Материјалните наоди од византиска керамика, метални садови, скапоцен накит во XII век и другите наоди од скопското Кале го потврдуваат подемот на градот Скопје и околината.[26] Меѓу нив ги вбројуваме и наодите на ромејските монети најдени на територијата на Скопје и неговата околина.[27]

Што се однесува пак до населбите во околината на градот Скопје во наведениот период ги издвојуваме: 1) населбата на југоисточните падини на Водно на локалитетот Маркови Кули која имала значаен подем во XI и XII век; 2) средновековниот град Кожле кој според археолошките истражувања, во својата најстара градежна фаза потекнува од доцниот XII или почетокот на XIII век;[28] 3) кај с.Чучер, почнувајќи од IX-X век постоела средновековна населба, потврдена со материјални наоди; 4) на локалитетот “Фрадиште”, во с.Средно Нерези, во полниот среден век, почнувајќи од XII век, егзистирала помала населба од селски карактер, а е откриена и една некропола.[29]

[1]ИБИГИБИ VI…, 175 — 185. сп. Йордан Иванов, Български старини из Македония (София: Българска Академия на Науките, 1970), 557; Срђан Пириватић, Самоилова држава…, 153; Милан Бошкоски, “Улогата на св. Климент“ …, 28 – 29).Грамотите…., Од настаните што следат по 1020 г., се забележува дека Василиј II, во даночниот систеп, потоа црковниот, па и во останатите сфери од животот, не изменил ништо посебно. Не само што ги зачувал правата и привилегиите што Охридската архиепископија ги имала порано, туку ги потврдил со свои повелби, што ќе потрае се до смртта на архиепископот Јован-1037 г. (Јован Белчовски, Охридска архиепископија…, 117).

[2] Стјепан Антолјак, Средновековна Македонија I…,519-520.

[3]ВИИНЈ III, 101-102;180. За тоа, најдобро сведочи Скилица – кој, кога зборува за востанието на македонскиот народ под раководството на Петар Делјан (Оделјан), го претставува како бунт на потчинетото население. (Јован Белчовски, Охридска архиепископија…, 123.  Снешка Лакалиска, Христијанските споменици…, 28).

[4] Има извесни индикации дека бремената унгарска принцеза, несудената сопруга на Гаврил Радомир, по враќањето на својата земја се замонашила. Таа живеела во манастирската тишина на св.Маргарита, каде го родила Петар Делјан. Врз ваквите легендарни кажувања, се смета дека нејзиното монашко име било Маргарита. Милан  (Бошкоски. Великаните…, 138).

[5] Ирина како дете, уште во 985 година на 7-8 години била заробена. Потекнувала од угледно семејство од Лариса, и заедно со нив била заробена при освојувањето на градот. Како дете на угледни родители, веројатно живеела на македонскиот владетелски двор во Преспа, каде имала можност да го запознае синот на Самоил. Бидејќи уште како дете се истакнувала како со својата убавина и мудрост, детска игра и љубов меѓу нив постепено прераснала во нераскинлива љубов, која кратко ја попречил бракот со унгарската принцеза, склучен од политички причини. (Милан  Бошкоски. Великаните…, 138; В. Историја на македонскиот народ I…, 431;  Бранко Панов, Средновековна Македонија III…, 53).

[6] Кога се кренало востанието, византискиот император Михаило IV се наоѓал на лекување во Солун, па не можел благовремено да интервенира. Тој дури и не мислел дека опасноста е толку голема. Бил изненаден и управникот на Скопје. Со помошта од месното население, востаниците бргу го освоиле Скопје. Дури тогаш, со паѓањето на овој важен стратегиско-управен центар, Византијците му обрнале поголемо внимание на Делјановото востание.  (Бранко Панов, Средновековна Македонија III…, 53).

[7] Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 136.

[8] Додека Петар Делјан се наоѓал во Острово, кај него дошол Алусијан, синот на последниот македонски цар Иван Владислав. За да не дојде до раздор меѓу востаниците Петар Делјан му дал дел од војската за да го нападне и освои Солун. Но поради погрешната тактика, бил тешко поразен. По враќањето во Острово го ослепил Петар Делјан и веднаш му се предал на византискиот император. Слепиот Делјан бил немоќен да им се спротивстави на Византијците. Обезглавените востанички војски наполно биле разбиени кај Острово во летото 1041 год. Набргу Петар Делјан бил заробен и одведен во Цариград. Со тоа востанието  било крваво задушено. (Бранко Панов, Средновековна Македонија III…, 57).

[9]Иван Микулчиќ, Средновековни градови…, 48.

[10] Кога во Цариград императорот Михаил VII Дука дознал за срамниот пораз на дуксот Дамјан Даласин и за прогласувањето на Бодин за цар, го испратил против него Михаил Саронит. Планот на војсководителот Саронит бил прво да го заземе центарот на востанието- градот Скопје, а потоа, откако ќе се утврди во него, да тргне во поход против Бодин. Кога, пристигнал до Скопје, Саронит го поканил Војтех да се предаде, ветувајќи му дека ќе биде помилуван заедно со неговите луѓе. Исплашен од големата војска, Ѓорѓи Војтех ја прифатил понудата и го предал градот. (Бранко Панов. Средновековна Македонија III…, 63).

[11]Историја на македонскиот народ I…, 444.

[12] Славко Димевски, Историја на МПЦ…, 97.

[13] Печензите, народ од турско потекло чии делови византискиот цар Константин IX Мономах во 1048 год. ги насели на Овче Поле, Ниш и Сердика, повторно почнаа да упаѓаат во Тракија и Македонија, пустошејќи на исток сè до Константинопол, а на југ до Солун. За да ги запре во нивниот пљачкашки полет, византискиот цар Алексиј I Комнин успеа да ги сврти Куманите, нивните блиски сородници, против нив. Куманите кои се наоѓаа од таа страна на реката Дунав во 1091 год. ги уништија Печенезите, кои се сметаа за полни господари на просторот од реката Дунав до планината Балкан, поточно на просторот на денешна Северна Бугарија.  (Милан  Бошкоски. Скопје и скопската област…, 141).

[14] Милан  Бошкоски. Скопје и скопската област…, 141.

[15] Милан Бошкоски. Скопје и скопската област…, 146.; Снешка Лакалиска, Христијанските споменици…, 28;Иван Микулчиќ, Старо Скопје…, 118.

[16] Иван Микулчиќ, Скопје со околните тврдини…,118; Снешка Лакалиска, Христијанските споменици…, 31.

[17]Историја на македонскиот народ I, 56-62.

[18] Славко Димевски, Историја на МПЦ…, 97-99. Анета Шукарова, Јустинијана Прима…, 129; Снешка Лакалиска, Христијанските споменици…, 31.

[19] Никита Хонијат, соопштува, Добромир Хрз заедно со својот дедо-протостраторот Маноило Камица “без мака ја зазел Пелагонија и лесно го потчинил Прилеп, присвојувајќи ги понатаму сите по ред оддалечени краишта”. (ВИИНЈ IV.  168) Теодор Скутариот навел: “Протостаторот Маноило Камица, ослободен од Хриз, заминал од Мизија во Просек и насочувајќи се кон бунт, заедно со Хриз ги покорил Пелагонија и Прилеп. Ги нападнал блиските области, ги разбунтувал далечните, излегол од тесалиските планини, ги нападнал полињата, ја разбунтувал Елада, го раздвижил Пелопонез”. (ИБИГИБИVIII, 260; Сп. Бранко Панов. Средновековна Македонија III…, 783).

[20]ИБИГИБИ, VIII, 260.;  Бранко Панов. Средновековна Македонија III…, 783.

[21]Историја на македонскиот народ I…, 469.

[22] Милан  Бошкоски. Скопје и скопската област…, 157.

[23] Снешка Лакалиска, Христијанските споменици…, 29.

[24] Милан  Бошкоски, Скопје и скопската област…, 148-162.

[25] Во науката речиси е утврдено мислењето дека манастирот бил изграден со ктиторска помош на византискиот принц Алексиј Ангел, син на Константин Ангел и Теодора Комнена, најмладата ќерка на императорот Алексиј I Комнен. Според Милутиновата грамота од 1300-та год. овој манастир бил подарен на манастирот Св.Георги Горгос. (Добрила Миловска. Ракописната традиција во македонските цркви и манастири. Скопје: Македонска реч, 2007, 99).

[26] Бошко Бабиќ, Иван Микучиќ, “Скопско Кале”, Културно историско наследство, XVIII, Скопје: 1983, 55-63.

[27] Милан  Бошкоски. Скопје и скопската област…, 149.

[28] Градот лежи во клисурата на Пчиња, на 3 км пред нејзината утока во Вардар. Западно и источно од градот поминуваат двете траси на Повардарскиот пат, кои можеле од оваа позиција да се контролираат и бранат. Преку тврдината водело напречно патче што ги поврзувало двете главни магистрали. Западно од тврдината, близу до остатоците од римската вила, се издигала средновековната црква Св.Никола на Пчиња, која тука имала и свои имоти. (Иван Микулчиќ, Старо Скопје…, 133-135).

[29] Т.Томоски, “Средновековни градови во Македонија”, Културно историско наследство, XVIII, Скопје: 1983, 96; Милан  Бошкоски. Скопје и скопската област…, 150151.


Пишува М-р Славица Урумова – Марковска

Вести

Новиот закон за ЈО утре во Собранието, власта очекува поддршка од опозицијата

Владата утре Предлог-закон за Јавно обвинителство ќе го прати во Собранието. Очекуваме своите ставови пратениците да ги кажат во законодавниот дом, а ако имаат забелешки и да поднесат амандмани. Градењето дво-третинско мнозинство ќе биде во […]

Бизнис

Бензините поевтинуваат за еден, а дизелот за половина денар

Цената на бензините од ноќеска на полноќ се намалува за еден денар, а на дизелот и на екстра лесното масло за домаќинство за половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. Согласно новите цени, ЕУРОСУПЕР […]

Вести

Одбиено барањето на Кочан за одложување на затворската казна

Судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд – Скопје го одби барањето на бизнисменот Сеад Кочан поради здравствени причини да му биде одложено издржувањето на затворската казна од четири години и осум месеци за […]