Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во заедничка координирана акција со царински службеници од Сектор за контрола и истраги при Царинската управа, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат на повеќе локации во Скопје спроведоа мерки и активности против криумчарење на акцизна стока и избегнување на давачки за продажба на режан тутун и производи од тутун без акциза и платени давачки.
Како што соопшти МВР, за време на контролата е констатирано дека во продажен објект, сопственост на Џ.А., пронајдени се и одземени 90 килограми режан тутун, избегнувајќи плаќање на акциза во износ од 193.500 денари. Покрај ова констатирано е дека објектот нема регистрирано правно лице, за што ќе следи глоба од Државен пазарен инспекторат.
На тезга на влез на пазар, сопственост на У.Х. пронајдени се и одземени 105 кг. тутун, при што е избегната акциза од 225.750 денари, целата стока е одземена од страна на Царинската управа, а против лицето ќе следува и глоба од пазарните инспектори, додека во возило сопственост на О.И. биле пронајдени и одземени 19 килограми режан тутун, со што избегнал плаќање акциза во вкупен износ од 40.850 денари.
Со денешната заедничка акција спречено е криумчарење на акцизна стока со вкупен износ на избегнати давачки кон државата над 460 илјади денари. Против лицата ќе следуваат соодветни поднесоци од надлежните институции, стои во соопштението на МВР.