Скопје Прајд: Луѓето од ЛГБТИ заедницата се дел од општеството и ги заслужуваат човековите права и слободи


– Луѓето од ЛГБТИ заедницата се дел од нашето општество и ги заслужуваат човековите права и слободи како секој граѓанин, порачаа учесниците на денешната втора Парада на гордоста што се одржа во Скопје.

 

 

– Месецот на гордоста не враќа малку во минатото, не тера да видиме до каде сме стигнале, каков напредок сме оствариле, како ќе продолжиме понатаму. Здравствената криза на суров начин ни ја покажа системската обесправеност на ранливите луѓе од нашата заедница, трансродовите лица ги остави без најосновите здравствени и социјални услуги и во сиромаштија заради тоа што законот за правното признавање на родот не е сè уште донесен, со месеци и овие луѓе немаат еден единствен личен документ со кој можат да се претстават во институциите, истакна Елена Петровска од коалицијата „Маргини“, која е дел од организацискиот одбор на Скопје Прајд.

Таа посочи дека луѓето од ЛГБТИ заедницата се често физички напаѓани, трпат семејно насилство, говор на омраза и закани и затоа бараат суштински промени.

– Во можеби најпредизвикувачкото време кое го поминуваме оваа година ипол, се собираме денес повторно тука, гласни сме, видливи сме, заедно сме вон ѕидовите. Го освојуваме јавниот простор, за да ја афирмираме нашата борба за видливост и рамноправно наше учество во сите сфери на живеење. Ние го заслужуваме правото на среќа, како и сите оние кои не напаѓаат, истакна Петровска.

Втората Парада на гордоста започна од паркот „Жена-борец“, а заврши во Градскиот Парк каде беше организирано обраќање на учесниците и забавна програма. На Парадата на гордоста поддршка дадоа и претседателот на државата Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за култура Ирена Стефоска, министерката за образование и наука Мила Царовска и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Министерката за одбрана на својот фејсбук профил напиша дека секој е слободен да биде она што е, а претседателот Пендаровски порача дека не треба да се стигматизираат и изолираат луѓето поради нивната сексуална ориентација, бидејќи секој има право на избор.

Министерката Царовска на својот фејсбук профил со оценка дека создаваме општество кое ја негува културата и богатството на различностите.

– Градиме образование без стереотипи, предрасуди и дискриминација, затоа што еднаквоста се учи од најмала возраст. Верувам дека сите ние заеднички ќе овозможиме секој граѓанин да ги ужива своите права. Затоа што само за такво општество вреди да се бориме, пишува таа.

Пратеничката Маја Морачанин од политичката партија ДОМ испрати порака дека на никого од нас без разлика на сексуалната ориентација или родовиот идентитет или каква било друга различност не му е местото „во“, туку „вон“ ѕидовите.

– Сите ние имаме еднакви човекови права и кога зборуваме за правата на ЛГБТ и луѓето, зборуваме за човекови права и затоа е бесмислено во 21 век да му се оспоруваат правата за нормален, достоинствен живот на некој граѓанин или граѓанка. И затоа пораката што ја праќаме на овој Скопје Прајд е да се сопре со дискриминацијата врз ЛГБТ и луѓето, со говорот на омраза, насилствата од омраза, стигматизацијата, истакна Морачанин во своето обраќање.

На парадата се обрати и Марија Костадиновска, мајка на ЛГБТИ дете, која стана препознатлива по фотографијата на која држеше транспарент „Горда мајка“, на првата Парада на гордоста во Скопје.

– Еден поет Мика Антиќ рекол „Сакајте ги своите деца и кога се виновни, бидејќи животот ќе ги казнува и кога не се“. Тие се виновни, во наводници нормално, затоа што се свои, затоа што се толку многу независни, затоа што знаат кого сакаат, но ние како родители мора такво нешто да им овозможиме, за да бидат секогаш свои. Да можат животот да го преживеат како што треба, а не да се кријат од сопствените родители кога гледате дека секогаш стојат зад ѕидовите. За да излезат од ѕидовите мора родителот малку да е од помош, истакна Костадиновска.

Скопје Прајд продолжи со забавна програма на која настапија Соња Исмаил, Вера Вендета, Васил Гарванлиев, Фифи Јаневска, Туна, Ивана Драгшиќ, Узун Баба и Зоки Бејбе. Ова е Втора Парада на гордоста што се одржува во главниот град. На 29 јуни 2019 година се одржа првата Парада, на која присуствуваа и учесници од Грција, Србија, Црна Гора и други држави.