Тематска конференција насловена „Допинг во спортот“ со учество на еминентни домашни експерти од оваа област се одржа во Скопје, во организацијата на Агенцијата за млади и спорт (АМС) во рамки на проектот „Европска недела на спортот“.
На настанот се обратија д-р Зоран Ханџиски, д-р Ели Ханџиска и д-р Илија Стоилов, кои се дел од националната антидопинг комисија при АМС, а презентациите беа насочени кон националните спортски федерации.
Д-р Стоилов ги потенцираше основните принципи на последиците од консумирање недозволени средства во спортот, како и улогата на светската антидопинг Агенција во формулација, промоција, координација и мониторинг на суплементите во спортот, за што владите преку своите национални агенции треба да земат активно учество во едукација на спортистите и спортските работници, првенствено преку националните спортски федерации.
Посебен акцент Стоилов стави на таканаречениот „невин, ненамерен допинг“ кој е многу чест случај кај нас и во светот.
Д-р Ели Ханџиска ги објасни насоките на Светска антидопинг агенција (WADA) според кои работи македонската антидопинг комисија и за можноста за извршување допинг контрола кај спортистите за време на натпревар, но и надвор од него, без разлика дали е тоа дел од програмата за антидопинг или се реализира по претходна најава или сомневање.
– Според правилата на WADA, секој организатор е должен да обезбеди станица за антидопинг контрола, истакна Ханџиска.
Во своето обраќање на тематската конференција, д-р Зоран Ханџиски го потенцираше фактот на пораст на процентот на позитивни допинг тестови од суплементи, кој по најновите истражувања се искачи на 70 проценти.
-Опасноста од консумирање суплементи, без разлика дали станува збор за дозволени, како што е карнитин, кофеин или бикарбонати, е голема ако се прави без претходна консултација со стручни лица, како и потеклото односно производителот, рече Ханџиски.
Тој укажа на важноста од правилна исхрана на спортистите.
-Секогаш е подобра опција да се обрне внимание на рехидрација, идеално оптимизирање на замор и опоравување од него и, најважно од сè, оптимален внес на хранливи материи преку исхраната. Во ерата на „тренд на телото, а не на душата“, се повеќе млади луѓе посегнуваат по недозволени или неиспитано или погрешно дозирани дозволени суплементи, додаде Ханџиски.