Скопје и скопската област во времето на Македонското (Самоиловото) царство (969-1018) – 4 дел


Почнувајќи од средината на IX век, па се до крајот на владеењето на бугарскиот цар Петар (927 – 969), поголемиот дел од територијата на Македонија влегувала во составот на средновековната бугарска држава. По неговата смрт на 30. јануари 969 г. Македонските Словени, ги искористиле поволните политичко – воени услови и се кренале на востание против бугарската централна власт. На чело на востанието стоеле синовите на брсјачкиот кнез Никола: Давид, Мојсеј, Арон и Самоил.[1]



Востаниците се отцепиле од Бугарската држава и ги поставиле основите на првата средновековна македонска држава, најпрво со седиште во Преспа. Оваа државна творба, во овој прв период од нејзиното формирање останала независна сè до 971 година. Тогаш Византија успеала да го ликвидирала Бугарското царство, а Македонската средновековна држава ја направила зависна од централната власт во Константинопол,  оставајќи и извесен степен на автономија. Меѓутоа, во 976 година, повторно користејќи ги политичките прилики во кои се нашла Византија, комитопулите повторно се кренале на востание, но овојпат против византиската власт. Востанието завршило со успех и Македонската средновековна држава повторно станала независна[2]. Според мислењето на Милан Бошкоски[3] на чело на средновековната македонска држава застанал најстариот од браќата комитопули- Давид. Тој како најстар син на комитопулот Никола уживал полн легитимитет да биде на чело на новата државна формација.[4]

Во екот на македонско-византиските судири, во услови на сложени политички прилики на Балканот, од Цариград избегале легитимниот бугарски цар Борис II и брат му Роман. Но на границата Борис II бил убиен од македонските стражари кои ја обезбедувале границата, а Роман кој се провлекол, бил прифатен од комитопулите и поставен за управител на градот Скопје.[5] Во периодот кој следел животот го изгубиле тројцата Самоилови браќа. Имено, Давид – кој стоел на чело на државата, според изворните сведоштва[6] најверојатно загинал во борба кај местото “Убави Дабови“, меѓу Костур и Преспа.[7] Мојсеј, пак, загинал во борбите со Византијците кај Серез, а Арон бил ликвидиран од Самоил, во околината на Разметаница, зашто со помошта на Византија се стремел да изврши државен преврат и за себе да ја приграби целата власт во државата. Притоа било ликвидирано и целото негово семејство. Жив останал само неговиот син Иван Владислав, кој бил спасен и поштеден од Гаврил Радомир, синот на Самоил. Така, Самоил дошол на  престолот во Македонија, наследувајќи го царот Давид.[8]