Се одржа 29- „Домијада“

dominijada
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По два дена престој спорт и дружење во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес кој беше домаќин на 29 -та по ред „Домијада“ денеска се збогуваа учесниците од средношколските домови од Битола, Скопје, Охрид, Штип и Струмица, како и од студентските домови во Скопје, Охрид, Битола и Штип. На „Домијадата“ учествуваа и ученичките домови за ученици со посебени потреби од Скопје и од Штип.

По два дена спортски натпревари во ракомет, кошарка, мал фудбал, пинг понг и шах во салата „Гемиџии“, на свечена бина во дворот на Интернатот синоќа беа доделени медалите за сите учесници и пехарите за најдобрите екипи за освоено прво, второ и трето место.


Најдобра екипа од средношколските домови и златен пехар севкупно освои екипата на Средношколскиот дом „Мирка Гинева“ од Битола, а од студентските домови учесниците од Студентскиот центар „Скопје“ од Скопје.

Најдобар стрелец во мал фудбал со постигнати шест гола на „Домијадата“ 2023 беше прогласен Дејан Митевски.

Како што потенцира за МИА, Дејан Гиновски наставник во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ координатор на активностите, целта на „Домијадата“ беше постигната.

-Целта беше учесниците од сите средношколски и студентски домови од земјава да се дружат преку спортот и да другаруваат. Воедно и да шират позитивна енергија, потенцира Гиновски.

Во рамките на „Домијадата“ се одржа и дебата на тема „Влијанието на социјалните мрежи во образованието“ како и ликовна колонија со осум учесници. Тие на платото под Спомен Костурницата од НОВ цртаа фрагменти од овој споменик, како и од Велес. За најдобри цртежи беа прогласени оние на Милена Пешевска, Афродите Гоцева и на Андреас Петровиќ.

Директорот на средношолскиот дом „Лазар Лазаревски“ Марјанчо Јорданов на отворањето на „Домијадата“ ги прими и беше домаќин на своите колеги, директори на некои од средношколските домови од државите на поранешните Ју републики, а присуствуваше и Зоран Арсовски, претседателот на ученички и средношколски домови во земјава.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK