Салата во ООУ “Димитар Поп Георгиев Беровски” доби целосно нов изглед


Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски денеска присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на реконструираната училишна спортска сала во ООУ “Димитар Поп Георгиев Беровски”.


 

После 60 години, дел од салата за физичко образование во училиштето првпат се реконструира, со што објектот доби сосема нов и модерен изглед. Во оваа фаза, целосно е променет подот на салата, кој е повеќенаменски, односно освен за училишни, може да се користи и за спортски сали. Истиот е одобрен и од Интернационалната федерација за ракомет. Исто така, салата е и целосно внатрешно бојадисана.

-Ќе се согласиме дека физичкото образование е еден од најважните сегменти во образовниот процес, кој има повеќекратни позитивни ефекти врз идниот физички и психолошки развој на младите генерации со кои ќе се гордееме. Општината ја заврши реконструкцијата на дел од спортската сала, со што се овозможува топлотна изолација, енергетска ефикасност и подобрени хигиенски услови. Со новиот под, се обезбедуваат услови за сите спортско-рекреативни активности, а придобивка ќе имаат и спортските клубови и друштва – рече Наумоски.

Спортскиот систем е непропустлив, со постојана еластичност, безбеден, со добра отпорност на гребење и абразија и погоден за активности на деца во раст и развој. За понатаму, планирана е реконструкција и на други сали во училиштата низ општината, со што децата ќе добијат современи и безбедни услови за реализација на наставата по физичко образование.