Рурална коалиција: Со европско знаење за подобрена родова еднаквост


– Рурална коалиција почнува со имплементација на нов проект – „Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница“.

 

 

Проектот беше промовиран денеска. Ќе трае 15 месеци, а ќе се спроведува во општините Кичево, Пласница, Прилеп, Кривогаштани, Гостивар и Врапчиште.

-Европското знаење, но и европската интеграција ќе ни помогне многу во промовирањето, но и во унапредувањето на родовата еднаквост и нејзиното практикување во локалната заедница. Информираноста за ЕУ интеграциите, значењето на родовата перспектива во креирањето политики и мерки, родовата системска интеграција ќе бидат главната алатка што ќе ја користиме во промовирањето, но и практикувањето на родовата еднаквост во локалната заедница која е клучна за подеднаков напредок на практикувањето на родовата еднаквост во секоја сфера и во секоја област од општественото живеење без оглед на тоа дали доаѓате од град или од село, рече извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски на онлајн настанот по повод промоцијата на проектот.

Јоноски додаде дека процесот на планирање на оваа проектна акција го следи анализирањето на сите национални, но и регионални стратешки документи и практики значајни за родовата еднаковст кои директно ќе значат соработка и вмрежување меѓу сите засегнати страни на локално ниво (вклучувајќи ги општините и Комисиите за еднакви можности) во процесите на застапување за специфичните потреби на мажите и жените во локалната заедница.

Изработката на родова анализа на програмите на општините, едукација на локалното население на тема „ЕУ и родовата еднаквост“, креирање платформа и јакнење на улогата на Руралното женско лоби кое делува во рамки на коалицијата, следење на работата на комисиите за еднакви можности во пилот општините и доставување иницијативи за унапредување на родовата еднаквост во локалната заедница,  се само дел од активностите кои што во соработка со локалните заедници Рурална коалиција ќе ги спроведува во наредната година и половина, во насока на остварување на општата цел на проектот: да се подобри вклученоста на локалната заедница во процесите на интеграција во ЕУ преку унапредување на процесите на партиципативно и родово чувствително креирање политики.