Рот: Северна Македонија запиша историја со договорот со Бугарија, тоа сега треба и да се награди


Северна Македонија запиша историја со Договорот за пријателство со Бугарија, но и со решавањето на спорот за името со Грција, кој траеше скоро 30 години. Тоа сега треба и да се награди, вели германскиот министер за Европа, Михаел Рот, во заедничко интервју со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, за германскиот весник Die Welt.



На прашање до Димитров дали е изненаден од одлуката на Бугарија да ги блокира пристапните преговори поради јазичниот спор, Димитров вели дека не е изненаден, но дека е разочаран.

„Сето ова започна во октомври, 2019 година. Во бугарскиот парламент се донесе политичка декларација. Претходно Софија вложуваше многу во нашата европска иднина. Со самитот на ЕУ – Западен Балкан во Софија во мај 2018 година и потоа во јуни, кога министерката за надворешни работи Захариева се бореше за зелено светло за нашите пристапни преговори. Но, со Декларацијата во Парламентот, бугарската влада ги стави билатералните прашања на масата на ЕУ. Притоа, ние имаме Договор за пријателство, механизми за расправа за овие теми, историчари од двете земји кои работат на овие теми. Јас сметам дека не е воопшто продуктивно политичарите да расправаат околу историски прашања. Ние сме регион со богата историја, но досега не успеавме на помладата генерација да ѝ понудиме доволно перспективи за во иднина. Оттука, идејата беше: да ги оставиме историчарите да расправаат околу историјата – а ние да се погрижиме за најважните прашања за моментов и за во иднина. Што значи не бевме изненадени, но сме разочарани. Европската Унија, врз основа на Договорот од Лисабон, е Унија која ја почитува културната и јазичната разноликост. И навистина е тешко да им се објасни на граѓаните на Република Северна Македонија како дојде до тоа, нивниот јазик, македонскиот јазик, да биде пречка за пристап кон една заедница која ја цени јазичната разноликост како особено богатство. А, исто така, тешко е да се објасни и тоа зошто јазикот претставува пречка на патот кон добрососедските односи, кои патем треба да се засноваат на меѓусебна почит“, вели Димитров.