Регионална дебата за дигитално правосудство



Дигитализацијата на правосудството, со која е опфатено и Јавното обвинителство, треба да овозможи ефикасност и транспарентност и да го олесни пристапот на граѓаните до правдата, заклучија учесниците на регионалната отворена дебата „Дигитално правосудство – нова ера на реформите на македонскиот правосуден систем“, што се одржа денеска во Скопје.


 

Системот на информатичко-комуникациски технологии е неопходност во работењето на јавните обвинителства, но тој мора да гарантира безбедност и трајност на податоците. За негово непречено функционирање потребна е соодветна инфраструктура, човечки и финансиски ресурси, како и соодветни законски измени, нагласи Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески.

– Во моментов, во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се вработени само двајца инженери-информатичари и по еден во три виши јавни обвинителства. Во ниту едно основно јавно обвинителство нема ИТ кадар, а со тоа нема ниту достапна ИТ поддршка во работењето. Опремата со која работиме е во употреба повеќе години и веќе е амортизирана и застарена во однос на потребите кои ги имаме, рече Јовески.

Тој додаде дека Јавното обвинителство, преку финансиска поддршка од ИПА проектите и од сопствени буџетски средства, прави обиди за надминување на овие состојби. Исто така, во рамките на обвинителството веќе постои систем за електронско управување со предметите, но тој не е целосно функција, а една од причините за тоа е немањето доволно човечки ресурси. Потребно е надоградување на системот за да се овозможи електронска распределба на предметите со почитување на начелото на независност и увид во работата на јавните обвинители.

Имајќи ја предвид моменталната состојба, сметам дека што поскоро треба да се зајакнат нашите капацитети, да се вработи и да се остручи соодветен кадар, да се набави нова и соодветна опрема. Врпочем, ваквата активност е предвидена и во Акцискиот план за имплементација на Стратегијата  и е императив за успешноста на процесот на дигитализација на правосудството“, рече Јовески.

Дигитализацијата на правосудството е долгорочен и тежок процес, но Јавното обвинителство има сериозен пристап кон овој процес, оцени Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци и претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи.

– Со спроведување на дигитализацијата согласно европските стандарди се олеснува работата на судовите и обвинителствата, а размената на податоци меѓу институциите станува брза и ефикасна. Интероперабилноста на институциите е исклучително важна за да се зголеми ефикасноста и да се обезбеди владеење на правото, рече Нанев.

Потребен е соодветен план за операционализација на дигитализацијата и на ниво на јавното обвинителство, потенцираше проф. д-р Гордана Лажетиќ, член на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи.

– Неопходно е јавните обвинители да добијат можност и во текот на претходната постапка да комуницираат преку платформата за интероперабилност со другите државни органи. За ова да биде функционално, потребно е сериозно кадровско зајакнување на обвинителствата, додаде Лажетиќ.

Настанот го организираше Институтот за европска политика – Скопје во соработка со Министерството за правда, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Советот за ИКТ.​