Протест пред Владата со повик да не се прифати францускиот предлог


Пораки против францускиот предлог, апел да не се потпишува и барања за оставки се слушаа на вечерашниот протест пред Владата под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“. Официјално немаше организатор, но  беше поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот од Франција е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.


 

Говорниците – јавни личности, новинари, професори и претставници на здруженија ја повикаа Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.

-Вечерва велиме „но пасаран“. Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата… Отпорот ќе биде секогаш, а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина, беше порачано на протестот.

Според учесниците, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.

-Да живее Македонија и никако капитулација… беше дел од пораките на протестот кој траеше час и половина и заврши без инциденти.

Учесниците најавија дека против прифаќање на францускиот предлог ќе излезат и утре на исто место и во исто време.

Протестот го поддржа и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски пред почетокот изјави за медиумите дека „нам не ни треба Европа ако треба да се асимилираме“.

–  Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство, рече Мицкоски.

Владата вчера го објави модифицираниот предлог од Франција, кој треба да се прифати како услов Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.