Нови е-услуги, регистрација на Еид (eID), увид во листа на логови за спроведен пристап до личните податоци на корисникот и потврда за содржани лични податоци во Централниот регистар на население, денеска во „Една точка за услуги (ЕТУ) Куманово, ги промовираа претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. Претседателот Пендаровски, денеска во Куманово извади податоци за стаж М1 и М2 образец, министерот Алиу ги провери неговите лични податоци, дел од Централен регистар на население за да се увери дека податоците се без грешка.
Според министерот, дигиталната трансформација е неизбежна и неопходна за испорака на нови вредности во сите сектори од секојдневниот и работниот живот.
– Заради таа цел МИОА и Владата на Република Северна Македонија се залагаат за дигитализација на работните процеси, но и обезбедување на потребните законски решенија за дигитална трансформација на државата. Денеска ја промовираме услугата контрола на листа на логови за спроведен пристап до личните податоци на корисникот. Услугата обезбедува издавање на листа на логови за спроведен пристап до вашите лични податоци од страна на корисници на податоци, содржани во регистарот на население, кажа министерот.
Граѓаните можат да поднесат барање преку порталот и со тоа да имаат увид која институција и кога ги користи нивните податоци, со што се зголемува транспарентноста на институциите. Денеска беше промовирана и услугата потврда за содржани лични податоци во Централниот регистар на населението. Услугата вклучува потврда со која се докажува дали личните податоци се вклучени во регистарот и дали се точни како што се име, презиме, адреса. Министерот појасни дека е можно да има технички грешки и преку оваа услуга им се овозможува на граѓаните да ги исправат. Барањето се поднесува онлајн или лично.
– Целта на е-услугите е да се олесни пристапот на услугите, да се намалат трошоците без чекање пред шалтер и без разлика каде се наоѓате физички, кажа министерот.
Услугите се достапни на националниот портал услуги. гов.мк
– Знаејќи ја моќта на дигиталната трансформација нашето министерство започна длабока реформа за дигитална трансформација на државата, почнувајќи од услуги што ги нудиме на граѓаните и на бизнисите до работните процеси во јавната администрација. Затоа до крајот на 2023-та година МИОА ќе нуди над 150 онлајн услуги, изјави министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Алиу кажа дека работат на законско решение со пошти.
– Ќе имаме 333 интегрирани услуги за граѓаните што значи дека во 333 подружници на АД „Пошти“ граѓаните ќе можат да ги добијат истите услуги што можат да ги добијат тука. Дел од услугите се бесплатни, дел се плаќаат. Треба да напоменам дека плаќањето е поевтино онлајн отколку со физичко присуство, ако одите во самата институција да ги земете, кажа министерот.
Тој додаде дека досега најмногу се барале обрасците за работен стаж и граѓаните барале пристап до податоци од централен регистар на население.