Промовиран планот за интегритет на МВР 2023 – 2025 година, интерен антикорупциски документ

plan-za-integritet
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Планот за интегритет на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија 2023 – 2025 година, интерен антикорупциски документ, беше промовиран и презентиран денеска во Скопје. Документот е изработен во соработка со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили – DCAF, и претставува вредносно – стандардизирана рамка за зачувување и подобрување на интегритетот на работниците во МВР, којшто воедно овозможува и проценка на изложеноста на различни ризици на вработените.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасповски истакна дека овој документ е производ не само од законските обврски, туку и од стратешките реформски определби за бескомпромисно спроведување на законите и владеење на правото, како примарно начело на институционалното функционирање.


– Што е уште позначајно, овој интерен антикорупциски документ содржи сет мерки кои ги превенираат и елиминираат можностите за појава и развој на различни форми на коруптивно и друго непрофесионално однесување во МВР, кои се изградени врз основа на анализи и проценки на подложноста на одредени работни места на појава и развој на коруптивни дејствија и други форми на непрофесионално однесување на вработените, нагласи Спасовски.

Низ него, рече тој, се отсликува стремежот кон воспоставување механизми за поефикасно и поефективно функционирање на МВР. Па, Планот за интегритет, додаде министерот, е сегментарно фокусиран кон зајакнување на одговорноста, кон поедноставување на процедурите и зголемување на транспарентноста во одлучувањето, потоа кон контролирање на дискреционите овластувања и почитување на етичките вредности, како и кон елиминирање на неефикасните практики, неприменливите регулативи и конечно, кон воведување на ефективен систем на надзор и контрола на работата и однесувањето на работниците.

– Во таа смисла сакам да нагласам дека важноста на овој документ лежи примарно во нашите континуирани напори да ги етаблираме – интегритетот, етиката и транспарентноста – како фундаментални вредности што ќе му служат на институционалното функционирање на министерството. Но, не помалку значаен е и фактот за очекуваните конкретни ефекти и директното влијание на низата мерки дизајнирани во Планот – врз институционалното зајакнување во рамките на што поефективната борба против корупцијата, како еден од нашите високопоставени приоритети, рече тој.

Оттука, додаде министерот, Планот за интегритет на МВРза периодот 2023-2025 година, всушност може да се оцени и како дел од мозаикот што ја заокружува институционалната антикорупциска рамка и ќе послужи како еден од суштинските инструменти за идентификување и спречување на ризиците за корупција и нарушување на интегритетот во најекспонираните области на одговорност.

– Имајќи предвид дека негативното влијание на корупцијата и нејзината точна и благовремена перцепција се постојан предизвик на современите општества и институциите во нив, ние како Министерство одлучно продолжуваме со напорите за зголемување на проактивноста и меѓуинституционалната соработка, со цел да се гарантираат квалитетни, непристрасни и транспарентни услуги за заедницата, за граѓаните, како и континуирано промовирање на професионалната работна култура во институциите, нагласи Спасовски.

Тоа практично значи, додаде тој, дека од полицијата со висок интегритет се очекува да го усогласи начинот на однесување на полициските службеници со демократските вредности и напоредно со тоа – при преземањето на мерките од овластувањата – да се раководи од владеење на правото и доследното почитување на човековите права и слободи.

-А високиот полициски интегритет е токму оној неопходен фундамент за ефективна борба против криминалот и нулта толеранција на корупцијата. Оттаму, уверен сум дека овој План за интегритет, изработен благодарение на огромниот придонес на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили – DCAF, ќе претставува гарант за ефикасно и квалитетно работење на Министерството, а со тоа уште подинамично ќе нѐ приближи до нашите посакувани институционални цели – полицијата како сервис на граѓаните, бескомпромисен чувар на владеењето на правото, подвлече Спасовски.

Ирена Џајковска, програмски менаџер во ДЦАФ рече дека развивањето и спроведувањето на планови за интегритет, во контекст на процесот на пристапување во ЕУ, се од витално значење за земјите кандидатки, за да ја покажат својата посветеност во борбата против корупцијата, да ги поддржуваат демократските вредности, да го зајакнат владеењето на правото, а преку тоа и да го поттикнуваат економскиот развој.

Таа додаде дека овие планови играат клучна улога во градењето на јавната доверба, обезбедувањето регионална стабилност и усогласување со стандардите на ЕУ, што на крајот го отвора патот за успешна интеграција во Европската Унија.

Проф. д – р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност – Скопје, го презентираше и даде осврт на самиот план. Тој рече дека ова е многу значајна тема, поврзана со градењето на полицискиот интегритет.

– Денес започнува уште поголемата активност што треба да води кон поголем развој на министерството, поголемо внимание спрема вработените но и се разбира, поголемо внимание на вработените во однос на човековите права, демократските вредности, општеството што ќе се развива во рамките на едно заедничко европско семејство, нагласи Дујовски.

Тој додаде дека сево ова е со цел, на крај да се констатира дека е намалено нивото на корупција и незаконско работење, истовремено подигајќи ја личната одговорност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK