Продолжуваат разговорите со Бугарија, македонскиот јазик и идентитет се црвените линии


– Разговорите за надминување на несогласувањата со Бугарија продолжуваат деновиве на ниво на работни групи, предводени од министрите за надворешни работи на двете земји, а македонскиот јазик и македонскиот идентитет се црвените линии во преговорите со Бугарија, кои повеќе пати изминатите денови ги потенцира државниот врв, а вчера ги повтори министерката за одбрана Радмила Шекеринска.



За тоа дека нема да има преговори за јазикот и идентитетот, посочи премиерот Зоран Заев уште во четвртокот, одговарајќи на новинарски прашања по интервјуто за БГНЕС, кое предизвика реакции во јавноста. Заев тогаш рече дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори, никаде во светот не се преговара за идентитетот и за свој мајчин јазик. Додаде дека Бугарија ја признава реалноста за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но сака да зборува за историјата, за минатото и за корените.

Министерката Шекеринска вчера презентирајќи го буџетот за одбраната за следната година, одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе направиме се за да се најде решение, но никако на сметка на прашањата за кои кажавме дека се нашата црвена линија, а тоа се македонскиот јазик и идентитет.

– Сакаме решение кое ќе биде одржливо и корисно за двете земји. Какво било решение кое задира во овие прашања, ќе биде причина за дополнителна недоверба, а не причина за нова енергија и верба во односите меѓу нас и Бугарија, рече Шекеринска.

Таа потенцира дека генерално сите во Владата се оптимисти дека ќе се најде решение, но додаде дека не сака да прогнозира бидејќи за да се надмине еден спор не се доволни само оптимизмот и добрата волја на едната страна, туку волја, желба и активност од двете страни.

Црвените линии претходно ги изнесоа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за правда Бојан Маричиќ.

Димитров во интервју за Н1 рече дека прашањето на јазикот и идентитетот е резултат на еден историски процес и ние не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме.