Продолжуваат контактите со Софија, Скопје со оптимизам гледа на можните решенија


– Македонската и бугарската влада се во постојан контакт и размена на идеи за изнаоѓање на можни решенија, кои ќе обезбедат европска иднина на земјава, со целосно почитување на нашиот национален идентитет. Од Скопје се испраќаат пораки дека во интерес на двете земји е целосно спроведување на Договорот за пријателство и надминување на недоразбирањата, што би овозможило одржување на меѓувладината конференција со ЕУ во декември за време на германското претседателство.



Премиерот Зоран Заев во интервју за БГНЕС порача дека е најлесно ситуацијата да се остави така како што е или да се влоши, истакнувајќи дека треба да бидеме храбри и да ги подобриме работите меѓу Скопје и Софија, со цел Северна Македонија и целиот регион да станат дел од ЕУ.

– Ние сме целосно подготвени да ги исполниме нашите обврски, а Бугарија се обврза да ги исполни своите. Само спроведувањето на Договорот е начин да се изгради уште поголемо пријателство и соработка меѓу двете земји, изјави Заев

Тој уште една потенцира дека е факт оти ние сме Македонци и збруваме македонски јазик и тоа е право на самоопредлување, кое Бугарија го призна признавајќи ја нашата независност, суверенитет и држава. – Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат, истакна Заев.

Според него, отворените историски прашања можат да бидат надминати, пред се од страна историчарите и историјата може да биде добар мост за пријателство и соработка и не треба да ги дели, туку да ги обединуваат граѓаните на двете земји – Бугарите и Македонците.

– Се надевам дека целиот овој процес ќе заврши успешно и што е можно побрзо, за да може сè да се отвори до крај и да се види дека Бугарија е голем пријател на Македонија. Отсекогаш била и сега е, додаде Заев.

Тој смета дека секое одложување и блокада, ќе доведат до негативни реакции и говор на омраза и затоа политичарите треба да работат за надминување на недоразбирањата и слабостите од минатото и да се насочат кон иднината.