Претседателот Стево Пендаровски денеска во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје се обрати на настан во рамки на програмата „Супер училишта“, а на кој присуствуваа ученици и претставници од училиштето за слепи и слабовидни во Сараево, Босна и Херцеговина.
– Нема порелевантно мерило за карактерот на едно општество од односот кон неговите најранливи членови. Затоа, надлежните институции и граѓанските организации треба системски да работат на подигнување на општествената свест за целосно укинување на сите облици на дискриминација кон слепите лица. Унапредувањето на нивните права треба да биде наш заеднички приоритет, бидејќи општество во кое има простор за сите има повеќе шанси за успех, истакна Пендаровски.
Тој нагласи дека секојдневно лицата со оштетен вид, слух или говор се соочуваат со предрасуди и дискриминација.
-Иако многу институции и организации работат на обезбедување патеки за лица со оштетен вид, литература со брајово писмо и преводи за глувонеми, сепак на тој план, како држава имаме уште многу работа, рече шефот на државата.
Тој како важни потфати за инклузивноста и солидарноста со лицата со оштетен вид во нашата држава ги посочи Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и Филозофскиот факултет во Скопје, со кој, меѓу другото, е предвидена промоција на материјали печатени со Брајово писмо за ученици и студенти и изработка на материјали со фонт за лица со дислексија.
– Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ е основано со цел да ги едуцира и рехабилитира децата и младинците со оштетен вид до степен на осамостојување за професионален и личен живот. Неодамна, „Димитар Влахов“ стана дел од програмата „Супер училишта“, која е пак дел од „Шемата за размена на училишта на западниот Балкан“. Овој проект кој е поддржан од Европската Комисија, Германската агенција за меѓународна соработка и Регионалната канцеларија за младинска соработка има за цел да овозможи размена меѓу училиштата кои се истакнуваат со својот активизам и инклузивност, рече Пендаровски.
На настанот се обратија и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, амбасадорка на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, Генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани и директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, Бобан Спасенцовски.
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија на тема „Инклузија и можности за млади со пречки во видот на западен Балкан“ со ученици од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“.
Инаку, програмата „ Супер училишта“ е дел од мултидонаторскиот проект „Шема за размена на училишта за Западен Балкан“, кофинансиран од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој и имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) заедно со Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).