Португалскиот роман „Просечен индекс на среќата“ преведен на македонски


– Издавачката куќа „Антолог“ го објави романот „Просечен индекс на среќата“ од португалскиот писател Давид Машадо, добитник на Наградата за литература на Европската Унија за 2015 година.


 

– Романот е потрага по она што е навистина важно за да се биде среќен, но и обид да се сфати колку едно срце може да биде големо. Ни требаат лоши денови за да ги цениме добрите. „Просечен индекс на среќата“ е неверојатно патување до себе, соопшти издавачот за книгата која на македонски ја преведе Ненад Трповски.

Португалскиот писател Давид Машадо (1978) пред целосно да се посвети на пишувањето, студирал економија и менаџмент во Лисабон. Интересот на читателите првично го привлекол како автор на литература за деца. Покрај наградуваните книги за деца, има објавено и неколку романи и збирка раскази. „Просечен индекс на среќата“ е неговата најуспешна книга.

Преводот на книгата е објавен со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.