Порака од Заев на „Thessaloniki Summit 2020“: Да ги негуваме европските вредности за просперитетен Западен Балкан




 

Премиерот, Зоран Заев, заедно со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, албанскиот премиер Еди Рама како и со комесарот за соседство и проширување на Европската комисија, Оливер Вархеји на петтиот виртуелен „Thessaloniki Summit 2020″, упатија пораки за добрососедство, афирмација и негување на европските вредности.

Премиерот Заев на панел сесијата посветена на „ЕУ перспективата на Западен Балкан“, во видео пораката, истакна дека Владата силно се залага да гради цврсти релации со соседите, со земјите од Западен Балкан и Европа.

„Сето тоа го демонстрираме и на дело, делејќи ги европските вредности преку имплементацијата на структурните економски реформи засновани на демократските принципи, владеење на правото и борбата против корупција во насока на градење на просперитетно општество. Заедничката посветена и силна соработка на сите нивоа во овие моменти е неопходна, особено кога проблемите на секоја нација се веќе глобални проблеми“, рече Заев.

Нашиот сосед Грција, додаде тој, е важен трговски партнер, поточно е во топ петте најголеми трговски партнери на Северна Македонија, со вкупна трговска размена за периодот јануари – август годинава од 414 милиони евра.

„Како пријателски земји потенцијалите за унапредување на инвестициските активности и економската соработка сметаме дека треба да имаат нагорен тренд“, истакна Заев.

Тој рече дека придобивките од договорите за стратешко партнерство треба максимално да ги искористиме, да создаваме амбиент за непречен развој на економијата и за нови и современи бизнис иницијативи.

Дводневниот „Thessaloniki Summit 2020“ е под покровителство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, го организира Федерацијата на индустрии на Грција во соработка со „Делфи економскиот форум” и со поддршка од „Enterprise Europe Network Hellas“.