Пендаровски: Белгија е важен политички и економски партнер на Македонија

Стево Пендаровски
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на работната посета на Кралството Белгија, денеска се обрати во Трговската и индустриска комора Антверпен – Васланд (VOKA), каде што беше одржана презентација на економските потенцијали и инвестициските можности во  Македонија.

Претседателот Пендаровски истакна дека Белгија е важен политички и економски партнер на Македонија и е една од првите држави која ги согледа можностите за инвестирање во Македонија, соопшти кабинетот на шефот на државата.


– Во моментов, се наоѓаме на средината на т.н. скрининг процес, а напоредно со тоа преземаме сериозни реформски зафати, компатибилни со законодавството на ЕУ, кои очекуваме мошне позитивно да влијаат на севкупната бизнис клима, рече Пендаровски, посочувајќи дека меѓу двете земји постои солидна договорн-правна рамка, воспоставена мрежа на контакти меѓу бизнисите и соодветните институции, авио-линија меѓу Скопје и Брисел и дека во Белгија живее и работи бројна македонска дијаспора, која може да биде клучна за поврзување на луѓето од двете земји.

Во контекст на новонастанатите околности поради руската инвазија врз Украина, претседателот истакна дека не постои земја, која помалку или повеќе, не е економски погодена  и која би можела самата да се справи со сите предизвици.

– Оттука, земјите кои споделуваат заеднички демократски вредности немаат подобра алтернатива освен јакнење на економските врски, бидејќи полза од тоа немаат само стопанственици, туку и нашите граѓани кои директно ги уживаат ефектите од таквата соработка, порача претседателот во обраќањето.

Тој посочи дека секоја успешна деловна приказна, како онаа на Ван Хол, дополнително ги зајакнува односите меѓу двете земји, што во услови на меѓународна нестабилност е повеќе од потребно.

На презентацијата се обратија министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски, претседателот на ВОКА, Андреас Пфефер, како и Филип Ван Хол и Хилде Де Саделер од компаниите „Ван Хол“ и „Њу Векама“, кои ги споделија нивните бизнис искуства и препораки од работата во Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK