Пановски: Британскиот сој на вирусот полесно се шири, граѓаните да не се опуштаат и да носат сертифицирани маски


– Рестриктивните мерки се потребни, меѓутоа се невозможни заради тоа што економијата и народот не може да издржи. Луѓето бараат опуштање на мерките и ако се донесат рестриктивните мерки целиот град ќе биде блокиран што само по себе носи ширење на болеста. Не очекувам да има некои рестриктивни мерки, треба да останат постојните, а ќе има апели за употреба на средства за лична заштита. Од здравствен аспект би ги затворил рестораните, меѓутоа дали е тоа реално и можно да се затворат комплет, но економски тоа е очигледно не изводливо. За казина и обложувалници не би разговарал ниту две минути. Тоа е затворен простор без прозори без проветрување.


 

Ова вечерва го истакна микробиологот Никола Пановски, кој рече дека најважно е граѓаните да не се опуштаат, туку да ги почитуваат мерките за заштита. Помала доза од британскиот сој на вирусот, посочи тој, е потребна за да предизвика болест.

– Тоа што порано го викавме два метри растојание не е доволно во затворен простор. Сега со маски веќе не е сто отсто безбедно, а се смета дека со овој сој не е безбедно на два метри двајца да зборуваат без маски ако едниот е инфициран. Да не зборувам за кашлање и кивање, доволно е зборување, за да достигнат тие аеросоли, што не беше претходно можно, Клиничарите кажуваат дека кај британскиот сој на вирусот поретко се губи чуството за мирис и вкус, поизразена е кашлицата. Многу повеќе се лепи за носот, побрзо продира низ клетките, рече д-р Пановски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Според него, законот треба да се смени, треба да не се носат маски таму каде не може да се пренесе вирусот и да му се олесни на народот.

– Во урбани средини нека се носи маска, но не и по села, ливади, ниви и по планини, па дури и во парк кога нема гужва. Второ треба да се тргнат шалови, марами и платнени маски, тие сега не штитат. Надвор не е битно, а во затворен простор треба да стои дека не важи веќе шал или марама, туку мора да се носат сертифицирани заштитни маски, како што се хируршка маска или маска N95. Треба да се засилат мерките, не може луѓе во продавница да влегуваат без маска.

Потенцира дека бројките на заболени во државава се должат на британскиот сој, кој полесно се шири, но и на опуштањето на народот.

– Тоа е не само кај нас, туку и во светот кога бројките на заболени се намалуваат и народот се опушта. Почнаа собирања на граѓаните што може да доведе до ширење на вирусот. Ова зголемување на бројот на заболени, се надеваме дека ќе остане како благ бран. Мислам дека ќе трае најмалку еден месец и ќе се движи меѓу 500 и 700 заболени. Да се апелира автобусите, автомобилите, таксистите да возат со отворени прозорци бидејќи за стотина до петсто пати се намалува преносот ако наизменично отворите два прозорци во автомобил. Во работните колективи да се овозможи проветрување и се што може да се прави да се прави на отворено со дистанца и почитување на мерките, рече д-р Пановски.

Тој рече дека 110 илјади пријавени за вакцинација е минимална бројка.

– Ако остане оваа бројка, 20 отсто од вакцините ќе ги потрошиме, а за 80 отсто треба да бараме некој да ни ги купи. Мислам дека кога ќе се види дека во Србија се отвора економијата, кога ќе ги видат луѓето како седат по кафани, дека бројките се ниски и дека патуваат низ светот, тогаш мислам дека и кај нас ќе почнат да се пријавуваат за вакцинација. Факт е дека ги нема вакцините, а имавме ветувања. Добра страна е што во март, април и мај додека не стигнат вакцините и додека поминат три месеци да почнат да дејствуваат, е побрзо создавање колективен имунитет, додаде микробиологот Пановски.

Епидемиологот Драган Даниловски истакна дека мора да се употребат сите средства за да се дојде до вакцина против Ковид-19, сите методи и како што рече, „да се излобира на сите страни“.

Околу наводите за вакциналните пасоши, Даниловски рече ако се воведе такво нешто мора да постои и друга алтернатива како негативен ПСР тест.

– Мислам дека ако се воведе такво нешто тоа би било кршење на човековите права без преседан. Сметам дека нема да дојде до такво нешто односно и да се воведе како алтернативна опција или можност би можело да остане поседување на негативен ПСР тест, нагласи Даниловски.

На прашање во однос на тоа дали може да се очекува стабилизирање на состојбата до летоска, тој истакна дека ако се продолжи со сегашното темпо на природен начин и без вакцини, до летоска, или до есен, во земјава ќе се стекне колективен имунитет што ќе овозможи опаѓање на бројките.

Во врска со дејството на вакцините против Ковид-19, Даниловски посочи дека постојат многу теории на заговор, односно дека е распространета фама дека вакцините не делуваат, односно дека некој се вакцинирал и заболел. Појасни дека одредена личност можно е веќе да била заболена, па се вакцинирала, или после првата доза да се „опуштила“ и покрај тоа што не бил стекнат имунитет и во тој период да се заразила.

Во врска со тоа што земјава е се уште во фаза на чекање на вакцини, тој рече дека очигледно е оти сиромашните земји, меѓу кои сме и ние, се оставени на цедило.

– Јас не сакам да шекупирам ама секогаш вакви катастрофи можат да бидат интересна почва за исполнување на некои геостратешки цели. Значи евентуално ако некој сака да манипулира во таа смисла, тогаш недостигот на вакцини може да биде многу интересен за постигнување на цели на некои подмолни сили заинитересирани за ова подрачје, рече Даниловски.

Додаде дека неговите предлози биле да се прават карантини за време на викендите, односно во текот на неделата да има олабавување на мерките, а за викендите целосен локдаун.