Панел-дискусија: Користиме вештачката интелигенција без да знаеме, човековите права доведени во прашање



– Ние користиме вештачка интелигенција и без да сме свесни за тоа, а тоа го правиме користејќи ги паметните телефони, социјалните мрежи, каналот „Јутјуб“ и електронската пошта, изјави Марко Серафимовски, менаџер за интернационален развој на бизнис во „Семос Едукација“ на денешните панел-дискусија посветена на вештачката интелигенција, во организација на Фондацијата Матаморфозис.


 

– Веќе постојат платформи, каде што сериозно се користи вештачката интелигенција без да знаеме. На пример, каналот „Јутјуб“, кој сите го користиме. Вие константно гледате некои видеа, без разлика со каква содржина и самата таа апликација со времето учи од вас за што се интересирате и потоа ви дава предлози кои можеби ве интересираат. Истото може да се примени и во образовниот процес. Самата машина, преку вештачката интелигенција, може да даде предлог за ученикот врз основа на неговиот интерес, објасни Серафимовски.

Освен „Јутјуб“ каналот, Серафимовски посочи дека и паметните телефони користат вештачката интелигенција. Но, и електронската пошта користи вештачка интелигенција за која ние не знаеме, вели тој.

– „Имејлот“ учи од нас, која порака утре треба да заврши во „спам“. Тоа се алгоритми кои учат од нас што ние читаме, а што игнорираме и потоа со тек на време, филтрираат што ни е важно, а што не, појасни Серафимовски.

Ивана Станковиќ, советничка во Фонд за иновации и технолошки развој и координаторка на работната група за Национална стратегија за вештачка интелигенција, забележа дека луѓето без разлика дали сакаат или не, користат вештачка интелигенција во секојдневието.

– Секој „клик“ и „лајк“ на социјалните медиуми се регистрира и во однос на тоа ни се пласираат такви содржини. Проблемот е што сега сме пасивни корисници и не знаеме што се случува во заднина, а треба да тежнееме да бидеме активни, вели Станковиќ.

Христијан Ѓорески, асистент професор за вештачка интелигенција и машинско учење на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ и извршен директор на Аидеа Лаб, истакна дека постојат големи иницијативи во Европска Унија, следењето на нашите активности да биде етички.

– Да не звучиме сега страшно дека сите наши активности се следат, па некој тоа го обработува, па нешто прави. Постојат иницијативи во ЕУ, следењето да биде во етички рамки. Да биде тоа дека некој следел што сум пребарувал, па потоа тоа да го злоупотреби. Но, можам да кажам дека имаме фер компании кои ги користат тие податоци, вели Ѓорески.

Тој како негативност од користењето вештачка интелигенција од страна на „Јутјуб“, ја посочи можноста ако некое лице гледало видео со содржина од „теориите на заговор“, потоа каналот да му нуди постојано такви содржини, што може да го наведе лицето да добива погрешни информации за одредена тематика.

И покрај големите можности на вештачка интелигенција, соговорниците се согласија дека таа никогаш не може да го замени човекот.

– Вештачката интелигенција не може да го замени човекот и луѓето не треба да се плашат од неа, истакна Ѓорески, кој посочи дека има три видови на вештачка интелигенција, нероу (тесна), општа и супер.

– Вештачката интелигенција треба да ја гледаме како алатка која ќе ни помогне да станеме поуспешни. Во врска со прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени докторите, можам да кажеме дека оние лекари кои ќе почнат да ја користат вештачката интелигенција како алатка, ќе бидат многу поуспешни од другите, вели Ѓорески.

Илија Митров, софтверски инженер и сертифициран практичар во полето на вештачка интелигенција, тренер на Академијата за вештачка интелигенција во „Семос Едукација“, смета дека вештачката интелигенција може да помогне и во образованието.

– Некои понапредни софтвери ја користат вештачката интелигенција и самото машинско учење и многу им помагаат на професорите и на целокупното образованите. На пример, со примена на овие алатки од вештачката интелигенција може да се види како напреднал некој ученик, односно мерење на заењето на ученикот. Вештачката интелигенција може да се примени во комуникацијата меѓу наставниците и учениците, вели Митров.

Бардил Јашари, извршен директор на Фондација за интернет и општество Метаморфозис рече дека е многу важно да се регулира примената на вештачката интелигенција на начин да се извлече најдоброто од оваа технологија за луѓето, меѓутоа и за животната средина.

– Вештачката интелигенција е насекаде околу нас. Голем број на податоци се собираат, се делат, се даваат. Тие податоци не знаеме за што се користат. Многу е важно да се регулира примената на вештачката интелигенција и притоа во фокусот треба да бидат луѓето и човековите права. Ако не биде така, тоа нема да биде добро. Приватноста е основно човеково право. Потребна е транспарентност на алгоритмите кои се користат. Тоа е тешка борба. Големи компании го базираат својот бизнис модел на тие алгоритми. Но тоа е важно да го кажеме во заштита на човековите права, вели Јашари.