Османи: Корона-кризата не смее да ги поткопа демократијата и човековите права


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше обраќање на тема „Ефективен одговор на кризата во јавното здравство со целосно почитување на демократијата, владеењето на правото и човековите права” на видео- конференцијата на сесијата на Комитетот на министри на Советот на Европа со кој претседава Грција, а која се одржува денес по повод 70 годишнината од стапувањето во сила на Европската конвенција за човекови права.



,,Советот на Европа има значајна улога во помагањето на земјите-членки ефикасно да одговорат на кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, притоа осигурувајќи дека преземените мерки не ја поткопуваат заедничката заложба за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото’’, истакна Османи.

,,Советот на Европа продолжува да ја поддржува Северна Македонија особено во контекст на подготовките за преговорите за членство во Европската унија и во таа насока од особено значење се преземените активности како важен дел од стратешкиот триаголник на Советот на Европа: поставување на стандарди -мониторинг- соработка, додека Владата на Северна Македонија е силно определена за целосно почитување на вредностите и принципите на Советот на Европа кои претставуваат патоказ за нашата земја за целосно интегрирање во Европската Унија”, додаде министерот во своето обраќање.