Општина Кратово најави богата културна програма на возобновената манифестација „Златни денови” што ќе се одржува вечер и утревечер на градскиот плоштад.
-Со особено задоволство најавуваме дека по неколку години пауза се организира петтото издание на културно-забавната манифестација „Златни денови” Кратово 2023, а како организатори најавуваме дека ќе бидат денови за паметење, со многу дружење, добра музика, забава и еуфорија со најпознатите македонски музички ѕвезди од народната и забавна музичка сцена, најавуваат од општина Кратово.
Оттаму посочуваат дека со непоколеблива посветеност за промовирање на различното културно и музичко наследство на државата, „Златните денови Кратово 2023“ ветуваат незаборавно искуство и богата музичка програма за гости од сите возрасти.
-„Златни денови Кратово” првпат го красеа културниот пејзаж на Кратово во 2014 година, со извонреден спој на талент и традиција, а оваа година повторно ќе ја разгорат страста на музичките ентузијасти низ целиот регион, велат од Општина Кратово.
Вечерва на програмата се традиционална македонска музика и новокомпонирани народни песни во изведба на: оркестарот „Кратовски тамбураши”, етносоставот „Мелем”, оркестарот „Скопски боеми”, популарните Благица Павловска, Јордан Митев, Ленче и Горан Кукиќ, Елена Андоновска, Душко Георгиевски, Елена Јовческа, Браќа Нуне и Драган Темелков – Џони.
Утревечер сцената на плоштадот во Кратово ќе биде резервирана за рок бенд „Д’фендерс”, Ламбе Алабаковски, „Нокаут“, „НекстТајм“, „Суперхикс“ и диџеј Ерик Фокс.
Општина Кратово ги поканува сите добронамерници, туристи и љубители на добрата музика да присуствуваат на годинашното издание на „Златни денови”.