Жителите на Чаир и Бутел што аплицираа за инвертери викендов да ги предадат старите печки




Жителите на општините Чаир и Бутел што аплицираа за субвенции за набавка на клима инвертери и добиле електронска порака за предавање на печките од Град Скопје, во текот на претстојниов викенд (утре и во недела) ќе можат да ги предадат своите стари печки на дрва или на нафта во дворот на средното училиште „Зеф Љуш Марку“. Акцијата ќе трае од 10 до 16 часот.

Во Град Скопје пристигнаа 5.000 апликации, од кои од општините Чаир и Бутел се пристигнати вкупно 884 апликации на овој јавен повик. Изминатите викенди, ваква акции за предавање на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима уреди за затоплување се организираа во општините Сарај, Шуто Оризари, Карпош, Центар, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Гази Баба и Аеродром.

Во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, за да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.

Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата ги опфати граѓаните кои купиле инвертер од 01.01.2020 година, до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата. На овој повик граѓаните можеа да аплицираат онлајн.

Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ.

Целта на јавниот повик за доделување субвенции за набавка на инвертер клима уреди е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци кои чадат заради загревање на домовите во текот на грејната сезона, односно во зимскиот период.