Заврши првиот уписен рок за студенти бруцоши на УКЛО-Битола


Заврши првиот уписен рок за студенти бруцоши на УКЛО-Битола - МИА

Битола, 2 септември 2020 () – Заврши првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола и, според првичните резултати, исполнета е една третина од објавените слободни места за студирање во прва година.



Најголем интерес за студирање е регистриран на Факултетот за безбедност во Скопје, каде за студирање во главниот град се пријавиле 208 завршени средношколции, како и на Високата медицинска школа во Битола за која има 102 пријавени, а од нив најголем дел за насоката општа медицинска сестра.

На останатите универзитетски единици регистриран е идентичен интерес за упис како и минатата година, односно на Технички факултет по првиот уписен рок пријавени се 95 завршени средношколци, на Економски факултет – 74, Педагошки факултет – 73, ФИКТ – 72, а на Правниот факултет евидентирани се 61 иден бруцош.

Втор уписен рок ќе биде организиран на Факултетот за биотехнички науки, затоа што по првиот уписен рок пријавени се само 33 кандидати, и на Ветеринарниот факултет каде се пријавиле 11 кандидати. Слободни места има и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, како и на Технолошко-техничкиот факултет во Велес.

Битолскиот универзитет годинава огласи 2 697 слободни места за студирање.