Градскиот превоз во Штип се очекува да почне од 1 септември. Директорот на ЈП ,,Стипион”- Штип, Панче Стефановски најави дека четири автобуси треба да пристигнат во Штип до 15 август. Постапката е завршена за набавка на еден дел од потребните возила, а се очекува нејзино компетирање со набаква на уште два минибуси. Средствата за возилата се обезбедени од Буџетот на Општина Штип и ЈП „Стипион“.
-Завршена е постапката за еден дел од потребните возила, ќе добиеме возила со капацитет до 40, до 60 и две возила до 100 седишта. Набавката е вредна 58 милиони денари без ДДВ. Во очекување сме на комплетирање на тендерската постапка со набавка на минибуси до 17 седишта. Испораката на возила треба да е до 15 август. Во тек сме со преговори со Општина Карбинци за меѓуопштинска соработка, вели Стефановски.
Со воведување на градски превоз во Штип се јавува и потребата за нови вработувања.
-Во финална фаза е новата систематизација, со која се предвидени нови работни позиции, возачи, контролори и слично. Па предвидени се 12 возачи и дополнително уште неколку работни места, рече Стефановски.
Автобусите ќе се движат на неколку локации и ќе бидат поделени во три категории. Првата е градска и билетот ќе чини 25 денари, втората линија е до населбите Македонка и Балканска и ќе се наплаќа 30 денари, и третата е до Три Чешми, Караорман и Чардаклија и билетот ќе чини 40 денари.