Во Делчево денеска се одржа завршниот настан во рамки на проектот ,,Генерација Y-Not заедно градиме успех“. Проектот е финансиран од Амбасадата на САД во Скопје, а во реализација на Регионалниот центар за застапување Делчево.
-Настанот во форма на состанок МееtUp се организираше со цел на едно место да се соберат лица кои работат во сферата на социјалното претприемништво во регионот, да споделат искуства и добри практики, но и идни можности за заедничка соработка. Воедно на настанот се презентираа и постигнатите резултати од овој 12-месечен проект, истакна Родне Деолска, координатор на проектот.
Во рамки на настанот се одржаа две презентации на две социјални претпријатија од Делчево.
-Воедно се презентираше пообемно истражување за економските активности во пограничниот регион Македонија – Бугарија. Исто така претставник на АВРМ од Делчево сподели информации од Програмата „Гаранција за млади“ која содржи повеќе мерки кои младите може да ги искористат доколку покажат интерес, додаде Деолска.
Како дел од проект, кој е втор во оваа област кој Регионалниот центар за застапување го имплементира во регионот, реализирани се три тридневни обуки за јакнење на капацитети на вкупно 60 млади од регионот и Бугарија, снимени се два подкаста, организирана е студиска посета на Американскиот универзитет во Благоевград и направено е истражување на деловната ситуација во регионот.
Сите изработени маtеријали, како што истакнаа организаторите на денешниот настан, може да се најдат и преземат на веб-страницата на РЦЗ.